Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, денеска беше во работна посета на Здравствениот дом во Неготино кадешто оствари средба со менаџментот и направи обиколка низ установата.

Во изјава за медиумите, таа информираше дека во изминативе шест години се реализирани бројни инвестиции во Здравствениот дом со што се унапреди здравствената заштита за пациентите.

„Комплетно е опремена биохемиската лабораторија, како и службата за физикална медицина и рехабилизација со нова апаратура, простор и кадар. Набавена е нова опрема за Службата за рентген дијагностика и за Службата за Итна Медицинска помош со домашно лекување којашто се дислоцира во нов реновиран простор. Возниот парк се зајакна со две нови санитетски возила и три патнички моторни возила за потребите на Поливалентната патронажна служба за првпат и за руралните средини“, рече Манолева.

Во делот на инфраструктурното подобрување, Манолева посочи дека потпишан е договор за реализација на проект за енергетска ефикасност. На дел од објектот поставени се нови ПВЦ прозори и врати и извршена е реконструкција на надворешните приоди со уредно осветлување.

„Покрај вложувањето во опрема и инфраструктура, Здравствениот дом реализираше и 42 вработувања на здравствени работници и административно-технички персонал. Реализирани се седум специјализации, а упатени на специјализација се и четири доктори на медицина. Особено сме горди што статутот на оваа установа се прошири со нова дејност „Неврологија“ со која на пациентите им е овозможен и ваков тип на здравствена услуга. Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија, во изминатиот период покажаа како се работи во интерес на пациентите и здравствениот персонал. Со истото темпо, продолжуваме и во следниот период“, истакна Манолева.