Секоја влада на СДСМ морало да носи тешки одлуки, не одолжувала, не ги заобиколувала, туку се соочувала со проблемите, вели во интервју за Фокус, заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска.

„Во 2017-та наследивме исклучително специфична ситуација – кревка, ранлива, изолирана држава. И ако направиме споредба со Македонија-членка на НАТО и на чекор до ЕУ, ќе можеме да заклучиме дека оваа влада направи многу.Што се однесува до анкетите, еве да ве потсетам. И во 2020 имавме анкети што покажуваа предност на ВМРО-ДПМНЕ, но реалноста на денот на изборите беше сосема поинаква“ порача Лукаревска.

Според неа, нејзината партија никогаш проблемите не ги ставала под тепих, туку ги решавала, па дури и по цена на популарноста, додавајќи дека има огромна разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Не сме се поставувале како судии или јавни обвинители. Не го злоупотребуваме медиумскиот простор. Ние се боревме за демократија и слобода, за транспарентност и отчетност, за слобода на изразување. И затоа критиките слободно и се слушаат, и ги сфаќаме добронамерно.Разликите меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ се видливи. Наместо стиропор, има капитални проекти, наместо притисоци кон администрацијата, има повисоки плати. Нема затворање медиуми и редење вести. Нема ќотек за пратениците и новинарите во Собранието. Нема закани. Овие разлики се суштински. Не треба да се заборава. Зашто заборавот може да биде најкусиот пат до враќањето на хоророт, од кој едвај извлековме жива глава“ посочи Лукаревска.