Не може да се обедини нешто што не е разединето, вака во интервју за Фокус, заменик претседателката на СДСМ ги коментира наводите за евентуални поделби внатре во партијата.

„Отсекогаш се зборува за лоби групи во СДСМ и тоа, за жал, често е поинтересно за јавноста отколку тоа што реално го работи и го реализира самата партија. Но, во ред. Тоа не е само за СДСМ и не е само во нашата држава. СДСМ е во полна кондиција и активно се подготвуваме за изборниот процес. Формиравме централни и регионални штабови, одлично сме екипирани и работиме на завршно селектирање на кандидатите.Нормално е по одредени прашања понекогаш да имаме различни ставови. Кај нас ставот се гради низ аргументи и дебата. Поинаков став не значи дека сме на различни страни. Но, што да ви објаснувам, тие приказни се готвени на евтина струја, со познати зачини извадени од старите долапи, во кујната на Белата палата“ порача Лукаревска.

За тврдења пак, дека партијата имала некаков поданички однос кон ДУИ и кон американската амбасада, Лукаревска порачува дека станува збор за партнерство на субјекти кои сакаат да ја видат државата во ЕУ.

„Не би се сложила дека имаме некаков поданички однос кон ДУИ. Напротив, ние сме долгогодишни партнери кои сакаат земјата да ја видат во ЕУ. Потполно е конзистентен ставот на двете партии по однос на иницијативата за заеднички европски фронт. За некои прашања имаме различни мислења, но тоа е поентата на плуралистичкото општество. Основа на нашиот однос е меѓусебно почитување. Партнерството со САД е, всушност, едно големо пријателство, кое заемно го негуваме. САД се нашиот сојузник на патот кон достигнување на европските вредности и критериуми и наш искрен соговорник“ посочи Лукаревска.