За состојбите во Управата за јавни приходи, како и за процесот на зголемување на платите на вработени во оваа институција, диркеторката на УЈП Сања Лукаревска во интервју за Фокус вели дека тоа за неа бил еден специфичен случај со специфична завршница, каде дури постоела и извесна медијација со помирувач.

„Платите во УЈП не беа зголемени од 2009 година. Тоа не беше во ред. Сега платите се зголемени. Исправени сме пред нов предизвик, трансформација на државните службеници од УЈП во даночни службеници. Тоа е проблем, кој многу години се провлекува и горда сум дека и тоа решение ќе го види светлото на денот. Имаме огромна одговорност како вработени и главни полначи на буџетот и колегите заслужуваат соодветен надомест. Јас сум вработена во УЈП од 2006 година. Почнав како помлад инспектор и добро ја познавам тежината на работата. Зборуваме за една специфична и комплексна институција, и многу ми е драго што работиме како успешен тим“ посочи таа.

Лукаревска истакна дека енергетската криза имала силно влијание врз економските текови и дека тоа се одразило и врз наплатата на ДДВ, затоа што според неа, државата повлекла чекори за да го намали ударот од кризата врз граѓаните.

„Ако ние како УЈП не си ја завршиме нашата работа, нема да има, не само за патишта и развој, туку ни за образование, ниту за здравство, па дури ни за плати. И тоа е еден сегмент од тие сврзани садови, кој постојано е пред нови предизвици. Сепак, гордост е да се каже дека имаме многу мал процент на присилна наплата, а голем процент на редовно самооданочување.

Со оглед на здравствените, економските и воените кризи со кои се соочува континентот, па и целиот свет, најважно е да имаме одржливост. Во таа насока, владата направи големи напори и воведе бројни мерки за поддршка на компаниите што го полнат буџетот. Впрочем, даночната реформа ја обележа 2023 година. Беше создадена фама дека се воведуваат нови даноци, за на крај, сепак, да се констатира дека се движиме во насоката на првичната идеја за поправедно оданочување и коригирање на некои грешки од минатото“ порача Лукаревска.