„Законот за рестриктивни мерки е уште една потврда на решителноста и посветеноста на Владата предводена од СДСМ за борба против корупцијата која дава резултати“ изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Локално“.

Тој додаде дека овој закон претходната Влада веќе го донесе, усогласен со надлежните институции, и го испрати во Собранието.

„Техничката Влада и премиер во моментов преземаат некакви активности од административна природа, како што ја информираат јавноста, но јасно изјавија дека Законот ќе биде доставен повторно во Собранието што и очекувам да се случи“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека за борбата на Владата која тој ја предводеше против корупцијата говори и Индексот на перцепција на корупција за 2023 година на Транспаренси Интернешнл, според кој Северна Македонија има подобрување и се наоѓа на 76-то место со 42 индексни поени, споредено со 2022 година кога бевме на 85-то место.

„Земјата забележува напредок во борбата против корупцијата и тоа дава поттик за оваа тема и понатаму да остане еден од врвните приоритети на СДСМ и Владата која ја предводев и ќе ја предводам на европскиот пат. Воедно, мислам дека е важно да нагласам дека САД се наш стратешки партнер и тие го поздравуваат секој напор и секој закон со којшто се бара отчетност и одговорност. Во тој контекст, ваков тип на закони неспорно придонесуваат кон безбедна и сигурна иднина за граѓаните“ рече Ковачевски за „Локално“.