„Oтворен Балкан е една оригинална иницијатива која што потекнува тука од регионот и тоа е иницијатива формирана од три држави, од Македонија, Албанија и Србија. Таа е заснована на 4-те слободи на ЕУ, во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на ЕУ. Тоа е слободното движење на луѓе, на капитал, на производи и слободно движење на услуги. Кога ќе ги погледнете иницијативите кои беа направени во рамки на Отворен Балкан , тие се токму тоа. Јас би сакал да почнам од резултатите на тоа што се постигна. Ние прво имаме зголемена трговија меѓу Македонија и Србија благодарение на таа соработка за 50%, меѓу Македонија и Албанија за 40%. А вкупно зголемениот обем на трговија е 22% меѓу трите држави,“ истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Ковачевски тоа го посочи како резултат на подобрата соработка меѓу не само политичките претставници туку пред се преку подобра соработка на деловната заедница. Како дел од таа соработка тој ја посочи вклученоста на стопанските комори, вградување и усогласување на фито санитарните контроли во делот на трговија со земјоделски производи и преработка на земјоделски производи.

„Во делот на мобилноста на младите, работниците вие знаете дека се потпишани договори кои овозможуваат непречено работење и преку националните портали, работници од Македонија, Србија и Албанија и признавање на дипломите во одредени дејности пред се мислам на медицината и на другите науки кои се сметаат за оние кои можат да придонесат за подобар развој на една држава и подобрување на услугите и низа на други поволности кои беа направени пред се заради граѓаните и заради деловната заедница,“ рече Ковачевски.

Тој ја посочи важноста од регионалната соработка, а тоа го потврдуваат и 72 регионални иницијативи во Западен Балкан. Една од нив е Отворен Балкан, исто така има една многу позначајна иницијатива која што е Берлински процес, во која учествуваат сите земји од Западен Балкан, кој се очекува да се забрза со оглед на тоа дека сите држави имаат многу јасна определба за зачленување во ЕУ.

„Преговорите веќе ги отпочнаа и Македонија, Албанија и Црна Гора и Србија. Веќе имаме земји членки на НАТО тоа се Албанија, Црна Гора и Македонија , кои што сме членки на НАТО. Сметам дека меѓу Србија и Косово дијалогот треба да продолжи за да можат да ги нормализираат своите односи согласно бриселскиот договор и согласно со разговорите кои ги имаат во Охрид. И мислам дека тој начин овој регион ќе се европеизира, ќе работиме многу повеќе заедно, на заеднички теми кои на крајот ќе резултираат со држави земји членки на ЕУ,“ посочи Ковачевски.