„Искуството од минатите годишни конкурси покажа зголемен интерес за детската литература на македонски јазик. Сакам и во оваа пригода да ги охрабрам авторите и илустраторите да го зголемат својот придонес во квалитетот на овој конкурс. Сакам да ги охрабрам и младите автори кои натаму остануваат во фокусот на нашето внимание“ потенцираше министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа на прес-конференција во Владата соопшти дека од денеска во 12 часот е отворен системот за електронско пријавување на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година. Системот за пријавување ќе биде затворен на 6 ноември во 12 часот.

„Главните приоритети за секоја дејност или област остануваат исти, квалитет, иноватиност и креативност. Сакам да ви обрнам внимание на новините и промените што ги направивме во конкурсот за поддршка на проекти од национален и јавен интерес во културата за 2024 година. Веруваме дека истите ќе дадат дополнителен квалитет. Следејќи ги потребите и трендовите, Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма, креативни индустрии. Тоа значи дека во Предлог буџетот за 2024 година ќе се отвори нова програма со посебни финансиски средства. Условите, правилата и приоритетите за пријавување во новата програма за креативни индустрии се објавени на веб страната uslugi.gov.mk“ потенцираше Костадиновска-Стојчевска.