„Реакциите за поставувањето на крстот на црковно земјиште не се воопшто лоши. Напротив, не видов никакви осудувања од страна на граѓаните и она што го слушнавме како реакција овие денови. Меѓутоа, ова не е прва општина каде што имаме некакви видови на предизборни пазарења каде што се подгрева темата национализам“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во нејзиното гостување во „Тема на денот“ на Сител Телевизија.

Министерката смета дека граѓаните на Северна Македонија одамна се освестени на многу повисоко ниво и дека национализмот повеќе „не пали“.

„ Се работи за потценување на чувствата на граѓаните и потценување на нешто што многу одамна во нашата држава е веќе минато и што е заборавено, бидејќи ние како земја којашто стреми кон тоа да биде полноправна членка на ЕУ, како земја која се гордее со негување на мултикултурализам, со негување на многу култури и јазици, обичаи, традиции, ваквиот потег не му прилега никому“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.