„Најважно е да граѓаните го препознаат концептот кој што СДСМ го нуди, а тоа е движење напред кон ЕУ и дека не се откажуваме од тој пат на ЕУ кон полноправно членство на ЕУ, пат кој што не е ни најмалку лесен меѓутоа не се откажуваме од тоа да ја видиме државата како ја остварува својата втора стратешка цел односно после членка на НАТО да станеме полноправно членка на ЕУ. Јас не само како потпретседател туку и како член на СДСМ се држам до идеалите кои што ги нуди СДСМ така да, учеството на листи не е пресудно за инволвираност во изборниот процес или во ширење, промовирање на изборната програма која што ние како партија ја нудиме,“ рече министерката за култура и потпретседателка на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на ТВ Клан.
Таа во однос на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека иако тие постојано најавуваат дека за се имаат план, но се уште планот не е познат.
„Најавуваат дека имаат план за подобро репреговарање на преговарачката рамка, по нецели 5 минути беа демантирани од 5 меѓународни извори, дека нема тука преговарање, дека ова е најдоброто што ние сме можеле да го добиеме. Најавуваат дека договор со Бугарија сме можеле поинаку да го направиме или еве најавуваат дека одредени процеси, кои што според нив беа спорни, ќе има начин како подобро да се изменаџираат, меѓутоа не видовме ни „м“ од менаџирање од страна на нивните и министри и дополнителни министри и така натаму. Се што видовме е истата онаа матрица на правење паника, креирање хаос од процеси кои што треба да се изменаџираат затоа добиле функција и доверба, добија доверба од мнозинството пратеници, од нивните пратеници не добија, да се најдат на одредени функции на кои што се најдоа и еве, ја имаат можноста да ги поправат процесите за кои што нас не окривуваат,“ рече Костадиновска Стојчевска.