Комисијата за локална самоуправа на денешната 3.седница во Собранието, одржа Јавна расправа за значењето на локалната самоуправа и регионалниот развој, како дел од процесот на креирање на Националната развојна стратегија (НРС) за наредните 20 години.

Процесот на изготвување на НРС е во рамки на проектот спроведуван од Програмата за развој на Обединетите Нации УНДП, во координација со Канцеларијата за Постојаниот координатор во Северна Македонија, и со финансиска подршка од Владата на Обединетото Кралство и Министерството за финансии на Република Словачка.

Претседателка на Комисијата за локална самоуправа, Ане Лашкоска, во воведното обраќање, потенцираше дека клучно за овој процес е тоа што во него се вклучени сите засегнати страни, вклучувајќи ги власта, опозицијата, граѓанските организации, бизнис секторот, како и повеќе од 4.000 граѓани кои досега директно учествуваа на организираните работилници.

Искрено се надевам и верувам дека сите ние ќе дадеме значаен придонес во пишувањето, во создавањето на еден од најзначајните документи за државава, а тоа е Националната развојна стратегија, документ кој треба да биде патоказ и визија за тоа како треба да се развива земјава во наредните 20 години-рече Лашоска.

На јавната расправа беа презентирани идентификуваните предизвици и системски промени во областа територијален развој во состав на нацрт верзијата на Националната развојна стратегија од страна на Александар Стојков, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и Ризван Сулејмани, директор на Институтот за политички и мултикултурни студии, поранешен пратеник и министер за локална самоуправа.

По презентацијата следеше дискусија за утврдување на потребните системски промени во следните две децении во областа на локалната самоуправа и територијалниот развој. Настанот заврши со сумирање и заклучни согледувања за следните чекори во процесот.

Во јавната расправа беа вклучени градоначалници, експерти, претставници од министерствата, граѓанските организации, државни институции, бизнис секторот и консултанти.

Добиените препораки и согледувања од денешната дебата ќе бидат разгледани и соодветно имплементирани во Националната развојна стратегија. Имплементацијата на НРС ќе започне следната година и се очекува процесот да придонесе за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани во државата.