Тони Јаревски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, истакна дека Предлог-буџетот за 2027 година е документ кој укажува на состојбите на стабилизација на економијата во државата, нејзиното закрепнување, како и домаќинскиот начин на водењето на државата.

„Предлог-буџетот за 2027 година, не е само обичен финансиски план на приходи и расходи. Ова е хируршки прецизен макроекономски рез кој треба да ја одвои ерата на економските илузии, популизмот и неодговорноста, од новата фаза на макропруденцијална реалност, фискална консолидација и одржлив развој. Овој буџет е нашиот институционален одговор на сите лажни наративи и демагогии“, рече Јаревски.

Јаревски се обрати до опозицијата и кажа: „Колеги од опозицијата, вашата дефиниција за социјална држава е или печатење пари без покритие или задолжувања на државата за да делите пари како милостина и социјална помош пред избори за да се купат гласови. Нашата дефиниција е систем кој генерира економско достоинство“.

Пратеникот Јаревски посочи дека во Предлог-буџетот за 2027 година се предвидени 2,9 милијарди денари за активни мерки за вработување, односно раст од 20% во однос на претходната година, додека пак за пензии се предвидени 123,8 милијарди денари со што се обезбедува редовната исплата на законски усогласените пензии.

„Искрени ли сте кога постојано зборувате за работнички права? Во овој Буџет, предвидени се 2,9 милијарди денари за активни мерки за вработување, ова е раст од над 20% во однос на лани. Ова не е милостина, ова е реална шанса за младиот човек да се обучи, да биде конкурентен на пазарот на трудот, да отвори сопствен бизнис и да остане тука, во Македонија“, истакна Јаревски и додаде:

„Овој Буџет, издвојува историски 123,8 милијарди денари само за пензии. Ова е 5,6 милијарди денари повеќе од лани. Редовни, сигурни, законски усогласени пензии. Не празни ветувања, туку реални пари на нивните трансакциски сметки“.

Јаревски посочи дека во Предлог-буџетот за 2027 година во ставката за здравствена заштита, предвидени се 198 милиони денари за медицинска опрема на јавните здравствени установи, додека средствата кои се однесуваат на нови медицински возила се зголемени за 65%.

„Вкупната здравствена заштита во Буџетот достигнува 58,7 милијарди денари, што е раст за 2,8 милијарди. Само за медицинска опрема на јавните здравствени установи ќе се издвојат 198 милиони денари, а за нови медицински возила зголемувањето е дури 65%“, изјави Јаревски.

Јаревски повторно се обрати до опозицијата и им порача: „Социјалната правда, колеги, не се брани со статуси на Фејсбук и со марксистички памфлети од минатиот век. Социјалната правда се брани со стабилен буџет, со инвестиции кои носат 3,8% реален раст и со најниската инфлација во регионот. Тоа е разликата меѓу вашиот евтин популизам и нашиот економски патриотизам“.

 

фото: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ