По повод „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“, во Офицерскиот дом во Битола, беше отворена изложбата на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, насловена како „Лица на револуцијата“: Внатрешната Македонска Револуционерна Организација 1893-1934. Поставката опфаќа над 40 фотографии на македонските револуционери, дејци, интелектуалци во македонското револуционерно движење, комитски чети и семејства на македонски револуционери од крајот на 19 и првите декади на 20 век.

На отворањето на изложбата покрај авторите говореа и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и експертот за заштита на аудиовизуелното наследство, Мими Ѓоргоска Илиевска.

„Денес, после 130 години од формирањето на Македонската револуционерна организација и 120 години од Смилевскиот конгрес и Илинденското востание, наша обврска е да го сочуваме богатството за кое се бореле нашите револуционери, да го сочуваме достоинството на секој Македонец. Вечерва, преку изложбата на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, преку фотографии ќе прошетаме низ периодот на делувањето на нашите „Лица на револуцијата“, кои оставиле длабок историски печат, а денес нивниот спомен е постојано присутен помеѓу секој од нас, кај секој Македонец кој се бори за добробит на својата земја, за зачувување на својот културно – историски идентитет“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.
Експертот за заштита на аудиовизуелното наследство, Мими Ѓоргоска Илиевска, нагласи дека изложбата „Лица на револуцијата“ е еден од начините на културен и уметнички план да оставиме уште еден творечки потпис врз делата и настаните кои ќе ја посочат и потврдат долгата и длабока линија на македонската комплексна и понекогаш контроверзна историја на народот кој постојано ја обновува својата татковина на оваа македонска почва:

„Токму културата и уметноста имаат огромна моќ во себе да го акумулираат многувековното паметење и преку своите изразни творечки форми во даден момент да ја водат битката за идентитетот. Токму паметењето го обезбедува континуитетот на културното и уметничкото опстојување на цел еден народ, а со тоа и ги потврдува идентитетските обележја на истиот. Едноставно, културата и уметноста го чуваат и потврдуваат идентитетот како одредена бесценета и бесконечна културолошка порака која се пренесува од генерација на генарација, и за која секоја сегашност е само кратка, моментна и минорна пречка, а целта е јасно лоцирана, во бескрајноста на иднината“, рече Ѓоргоска Илиевска, додавајќи дека изложбата ја нуди единствената можност за првпат во македонската современа историја да се погледнат и доживеат, индивидуални и групни портрети на оригинални фотографии, кои прикажуваат револуционери од различни, понекогаш и спротивставени струи во рамките на македонското револуционерно движење, а истовремено испраќа уште една исклучително значајна порака кон македонската и меѓународната јавност, воедно и кон научната фела, за значењето на потребата од постојаното историско истражување, проучување и утврдување на факти за револуционерните движења и борбата за слобода на македонскиот народ од крајот на XIX и првата половина на XX век.

Во Киното Манаки, пак, се одржа театарски перформанс низ кој беше промовирана книгата „Фитилот догорува“ на Зоран Пејковски. За драмата во стих, зборуваа рецензентите Митрополитот Преспанско – пелагониски и администратор Австралиско новозеландски г.Петар и писателот м-р Владимир Илиевски.