Пратеникот од Левица, м-р Реџеп Исмаил, реагира на алармантниот раст на задолжувањето кај небанкарските финансиски друштва, посочувајќи дека во Македонија се создава индустрија која профитира од финансиската немоќ на граѓаните.

„Едноставно, на човек да не му се верува како е можно еден ваков инструмент на капиталот да биде легален – да си правиш бизнис-модел од финансиската немоќ на народот!“, истакнува Исмаил.

Според него, преку ниските плати, сиромаштијата, приватизацијата и кратењето на јавните услуги се создаваат услови граѓаните да бидат финансиски ранливи, а потоа истите тие се претвораат во клиенти на индустрија која своите профити ги гради врз нивната немаштија. Преку рекламите за наводна „финансиска достапност“, брзите кредити се претставуваат како решение, додека граѓаните се вовлекуваат во сè поголема должничка зависност.

„ВМРО-ДПМНЕ, типично десничарски, сиромаштијата од општествен проблем ја претвори во пазарен производ!“, потенцира Исмаил.

Бројките во Македонија се алармантни. Заклучно со јуни 2026 година, активни биле 263.423 кредити кај небанкарските финансиски друштва, со вкупна вредност од 237 милиони евра. За споредба, на крајот на 2025 година вкупното задолжување изнесувало 189 милиони евра. Тоа претставува зголемување од 48 милиони евра за само шест месеци.

Дополнително, стапката на потенцијално ненаплатливи кредити пораснала од 5,9% на 7%, додека кај традиционалниот банкарски сектор таа изнесува околу 2,4%.

Во контекст на оваа алармантна состојба, денеска и претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, одржа прес-конференција посветена на проблемот со брзите кредити, најавувајќи ја партиската иницијатива за правна борба против лихварството и злоупотребите во оваа дејност. „Ова е пар екселанс должничка зандана за сопствениот народ. Браво, патриотски, нема што!“, заклучува Исмаил.