Турист од Русија загина во египетското одморалиште Хургада во напад на ајкула, јавува руската агенција ТАСС.

Инцидентот се случил на плажа на хотел, јавуваат руските медиуми кои наведуваат дека жртвата е нивен државјанин.

Генералниот конзул на Русија во Хургада, Виктор Воропаев, за руската новинска агенција ТАСС изјави дека смртоносниот напад се случил во четвртокот.

– Русин загина од напад на ајкула – рече тој, идентификувајќи ја жртвата како 23-годишниот В.Попов. Руските медиуми наведуваат дека жртвата е Владимир Попов, хонорарен илустратор кој живее надвор од Москва.

Очевидци велат дека спасувачите се обиделе да го спасат Попов, но кога стигнале до водата, ајкулата веќе го фатила.

Руските медиуми јавуваат дека жената, наводно девојка на настраданиот Попов, успеала да исплива и да побегне. На снимката може да се види како хистерично плаче на плажа додека случајните минувачи се обидуваат да ја утешат по грозоморната сцена.

На туристите кои го посетуваат одморалиштето сега наводно им е забранет влез во водата.