Иницијативата во Законот за рестриктивни мерки да се додадат и санкциите од САД и Обединетото Кралство беше моја, владата ја прифати, формираше работно тело што требаше да ги разгледа тие измени, коишто беа направени и кои во еден дел содржаа и работи што ние како држава имаме обврска да ги направиме и вградиме, порача Славица Грковска, вицепремиерка за добро владеење во интервју за Слободен Печат.

„Ако имате стратешко партнерство со САД и ако во тоа стратешко партнерство еден добар дел се однесува на борбата против корупцијата и организираниот криминал, тогаш е недопустливо во една таква ситуација да ги игнорирате напорите што нашите партнери ги имаат во борбата против корупцијата и организиран криминал и да ги доведувате во ситуација да поднесуваат барања до нашите органи“ посочи Грковска.

Грковска истакна дека овие измени ќе придонесат и поголема активност и попосветена работа на домашните судски и обвинителски органи.

„Овој предлог овозможува штом ќе се појават нови лица и компании на листата на санкци, нашите институции да достават предлог до Владата, да ја усвои таа листа, а потоа низ процес опишан во законот, доколку се усвојат тие листи, обвинителството да мора да постапува“ порача таа.