Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 гостуваше градоначалникот на Град Скопје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски кој најави интензивирање на реализацијата на неколку капитални проекти во главниот град, меѓу кои завршување на дел од проектот „Лимак“, изградба на две училишта, нова противпожарна станица и активности за возобновување на Луна паркот.

Ѓорѓиевски истакна дека проектот „Лимак“ е еден од најзначајните инфраструктурни зафати за Скопје, кој, според направените студии, треба да го намали сообраќајниот метеж за најмалку 33 проценти.

„Лимак е еден од најзначајните капитални проекти во главниот град којшто по сите студии, сообраќајни за 33 проценти најмалку ќе го намали сообраќајниот метеж во главниот град, тоа е државнички потег и проект не е само градски. Е сега, Лимак, целта ни е, втората половина од наредна година, да го завршиме овој дел, фазата од Кисела Вода, таму содржи два кружните текови големи, рампата пристапна во тунелот и се останато, и напоредно да влеземе во процес со последната фаза, тоа е од кај Нова Македонија“, рече Ѓорѓиевски.

Меѓу инфраструктурните зафати градоначалникот Ѓорѓиевски ја посочи и изградбата на третата лента на влезот во Скопје, во општина Гази Баба, која исто така е планирана за следната година, а воедно најави и изградба на две нови училишта.

„Тука би јас споменал третата лента на влезот на Скопје во Гази Баба, кој што исто така наредната година, ќе го правиме и уште еден сет капитални проекти. Многу е добро што предвидовме средства за брзо од денес кај распишеме тендерска постапка после години, во градот Скопје ќе почнат паралелно да се градат две училишта. Едно ново училиште средно во Ѓорче Петров, едно училиште е во Драчево, тоа се руинирани стари бараки, ние треба многу да инвестираме во образованието и затоа имаме годинава капитални инвестиции како никогаш до сега во образованието“, истакна Ѓорѓиевски.

Како дел од развојните планови за Скопје, градоначалникот ги најави и противпожарна станица и Луна паркот за кој во наредниот период треба да започнат конкретни активности.

„И еден од клучните проекти е нова противпожарна станица која што ќе биде на Тромеѓе, средства обезбедивме, земјиштето ни го предаде Владата. Веќе во катастар се направи промената и за брзо од денес ќе ја распишеме тендерската постапка, така да јас ќе бидам исто така градоначалник кој што ќе биде запаметен дека после многу, многу години изградил противпожарна станица во главниот град, изградил две училишта, го изградил Лимак и уште неколку клучни капитални проекти за главниот град. И тука би го додал и Луна паркот за кој што многу брзо од денес ќе почнеме со одредени активности“, вели Ѓорѓиевски.