На 1 мај се навршуваат 20 години од големото проширување на ЕУ, кога знамињата на Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Кипар, Малта и Словенија се кренаа на јарболите пред институциите на ЕУ во Брисел. Тоа беше најголемото проширување на ЕУ досега. Големиот успех како што беше големото проширување на ЕУ од 2004 година со 10 нови членки, може да се преслика и во 2030 година, доколку…

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

На 1 мај се навршуваат 20 години од големото проширување на ЕУ, кога знамињата на Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Кипар, Малта и Словенија се кренаа на јарболите пред институциите на ЕУ во Брисел, Стразбур и на сите други места, со што свечено беше означено полноправното членство на овие држави во Европската унија. Тоа беше најголемото проширување на ЕУ досега.

Овој „Биг Бенг“ или „Големото враќање дома“, како што најчесто се нарекуваше тогаш, а и денеска, иако најразлично се оценува врз основа на аголот на гледање и на различните аспекти на проширувањето, сепак, во огромна мерка ова прширување на ЕУ е оценето како успех. И така најчесто се препознава: Големото проширување на ЕУ од 2004 година и приказна за голем успех.

За повеќето од тие земји, членството во ЕУ значеше целосно враќање на нивното вистинско место, бидејќи луѓето од овие земји, и покрај долгогодишното тоталитарно владеење, никогаш не престанаа да тврдат дека ѝ припаѓаат на Европа. Членството доведе до промена во умовите на луѓето и промени во начинот на живот. За земјите од поранешниот комунизам, тоа беше средство за враќање на нивната слобода и достоинствен живот на кои им беа ускратени речиси 50 години.

За Европа тоа беше единствена можност да се обедини поделениот континент и да се прошири мировниот проект, причината за постоењето на Европската унија, над поголемиот дел од континентот и да се продолжи да се гради целиот континент на истиот збир на вредности: демократија, владеење на правото и почитување на основните слободи и права.

Дали 2004 може да се преслика во 2030

Големиот успех како што беше големото проширување на ЕУ од 2004 година со 10 нови членки, може да се преслика и во 2030 година.

Оваа констатација произлегува од изјавите на европратениците и високи функционери на на Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Кипар, Малта и Словенија, земји кои после тогашниот „Биг Бенг“ доживејаа ренесанса.

„Кога влеговме во ЕУ имаше стравувања дека ќе го поткопа нашиот национален идентитет, но всушност реалноста се покажа сосема поинаква. ЕУ ни помогна да обезбедиме меѓународно признавање на нашето културно наследство. Исто така, помогна да се обноват голем број културни места уништени од тоталитарните режими. Членството во ЕУ ја врати Литванија во Европа“, евоцира европратеничката Радвиле Моркунаите-Микуленије од оваа балтичка земја.

До 2014 година, за само десет години 6 од 10 земји кои се приклучија во 2004 година станаа членки на еврозоната.

„Во годините што следуваа како членка на ЕУ за огромен број граѓани на Летонија стана јасно дека Европската унија ни даде можности и нови перспективи. Јасно е дека со обединета Европа можеме да постигнеме големи работи“, изјави Сандра Калниете, европратеничка и поранешна министерка за надворешни работи на Летонија своевремено кога се одбележуваа 10 години од големото проширување.

За земјите-кандидати од „биг бенг“ проширувањето, пристапот во ЕУ не беше постигнат без напори. Требаше да помине цела деценија реформи неопходни за спроведување на таканареченото „acquis“, односно прифаќање и имплементација на стандардите на ЕУ. Процесот одеше заедно со борбата со евроскептиците, со убедување на граѓаните кои се соочија сио идејата за отворање на пазарот и со надминување на неподготвеноста во земјите-членки кон проширувањето.

Подобрени стандарди за здравје и безбедност и подобро образование

Од исток кон југ, придобивките да се биде дел од ЕУ станаа опипливи. На пример, Малта, благодарение на пристапувањето во ЕУ, доби место на масата на исто ниво со големите и влијателни држави како Германија, Франција и Британија. Нејзините бизниси станаа способни да се натпреваруваат во новата и предизвикувачка средина каква што е деловната заедница и пазарот на ЕУ. Малта го усвои еврото во јануари 2008 година и од пристапувањето во ЕУ, Малтежаните почнаа да ги имплемнтираат европските вредности и стандарди. Принципите на родова еднаквост и антидискриминација се поприфатени во Малта отколку пред 20 години. ЕУ ги подигна стандардите за здравје и безбедност и здравата храната. Им овозможи на студентите од островска Малта да се вклучат во програмите Еразмус.

„Во Литванија, финансирањето на ЕУ ни помогна да спроведеме многу значајни проекти, вклучително и арените Паневезис и Сиаулиаи, спортското училиште во Пасвалис, западната обиколница Вилнус, кружниот премин Јакаи во Клаипеда, како и изградбата на една од најголемите и најмодерни библиотеки во балтичките земји. Центарот за научна комуникација и информирање на Универзитетот Вилнус. Парите на ЕУ, исто така, придонесоа за реновирање на повеќе од петстотини згради од јавно значење, како што се училишта, библиотеки и болници, за реконструкција и развој на повеќе од 150 системи за третман на вода и управување со отпадни води. Друг дел од поддршката на ЕУ ја добиваме индиректно преку отворање нови работни места и зајакнување на конкурентноста на компаниите, развивање на компетенциите на вработените, развој на здравствени и образовни услуги, зачувување на нашето културно наследство“, вели европратеничката Радвиле Моркунаите-Микуленије.

Таа дополнува дека „ слободата на движење низ ЕУ ни овозможува слободно да патуваме, да работиме, да учиме и да летуваме не само во Литванија, туку и во другите земји на ЕУ. ЕУ обезбедува неограничено образование и можности за превозници во Литванија. Над 20.000 литвански студенти веќе имаат корист од краткорочните студиски програми во различни земји на ЕУ“.

Поттик на националните економии

„Нашиот влез во ЕУ го финализираше огромниот напор на полската трансформација и во исто време беше почеток на нашата заедничка одговорност за Европа. Животот ја покажа мудроста на одлуката што ја донеле Полјаците интегрирајќи се во Европа. Речиси секој ден можеме да видиме дека можеме да направиме повеќе кога станува збор за поефективно решавање на проблемите, ако ги решиме заедно, како 28 земји-членки на ЕУ, а не да дејствуваме сами“, оценува европратеничката Данута Хубнер, полска министерка за европски прашања за време на проширувањето во 2004 и прв полски еврокомесар.

Денеска Полска, со сите противречности во однос на стратешките политики на ЕУ, од земја која ја перципираше ЕУ како средство за остварување на сопствените интереси, се претвори во земја која сега улествува во обликување на иднината на ЕУ. Нејзиниот извоз на стоки се зголеми за три пати, а на услуги за околу 160%, додека вредноста на странските инвестиции во Полска порасна речиси за половина до 46% од полскиот БДП.

„Големото проширување на ЕУ во 2004 година придонесе, спротивно на некои очекувања, за подлабока, поцелосна и подинамична, политички и економски посилна Европа. Знаевме уште тогаш, кога во 90-тите преговаравме за пристапувањето на Полска, дека проширувањето ќе донесе промени во нашата земја, промена на подобро, враќајќи нè во срцето на европскиот континент. Денес не можеме да замислиме да не бидеме дел од ЕУ и ние, Полјаците, сме горди што придонесуваме во обликувањето на нејзината иднина“, оценува некогашниот европратеникот Јацек Сарјуш-Волски, кој во 2004 година беше прв главен преговарач за полското членство во ЕУ.

Солидарност со сите европски земји кои споделуваат европски вредности

Како и сега, и тогаш, во 2004 година, пристапувањето во ЕУ беше строго поврзана со европските вредности на демократија, владеење на правото и основните слободи и права.

Зајакната со овие искуствата од нејзиното минато проширување, ЕУ ги споделува овие вредности со своите партнери и соседи и ги остави вратите отворени вратите за сите оние европски земји кои се стремат да се приклучат и се подготвен да ги исполни сите услови.

Во Брисел и на сите земји членки им е јасно дека војната во Украина покажа дека на ЕУ, повеќе од кога било, ѝ треба нова и ефикасна заедничка надворешна, безбедносна и енергетска политика заснована на солидарност, но и на новите околности од геостратешки аспект кои силно ја наметна итноста од следно проширување и тоа колку што е можно поскоро.

Целта е поставена во годината 2030, а процесите почнаа.

Европската унија ја помина првата фаза од проектот за реформи на блокот за да може тој да прими нови членки со измена на некои одредби за одлучување, како и финансирањето.

Идентични обврски според обем и значење им претстојат и на земјите канидидати за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија.

За Северна Македонија, како и за замјите претенденти за членство од Западен Балкан е донесен и Планот за раст, инструмент со силна финансиска поддршка кој има за цел да го забрза процесот на интегрирање со постигнување на стандардите за учество на единствениот европски пазар.

Дополнително во приоритетите на Планот за раст се поддршката за големите инфрсатруктурни проекти, придобиовките од дигитализацијата за вклувување во широк спектар на дигитализираните процесите на ЕУ, како и проекти од животна средина и за реформи на јавната администрација.

Планот за раст и приложената Реформската агенда на Северна Македонија која е веќе на „тест“ во Брисел, најавуваат промена на играта што недостигаше подолго време во процесот на пристапните преговори. Тоа е алатката од којашто се очекува вистинската моќ на трансформација што процесот на пристапување може да ја има врз земјите што се во процес на пристапување во членство во ЕУ.

Во оваа фаза, и од сега натаму, секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас, од донесување на уставните измени.

Се наоѓаме на клучна точка во хронологијата на нашиот процес за членство во Европската Унија и сите показатели укажуваат дека оваа шанса мора да се искористи без дилема и со уверување дека тоа ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните.

Одложувањето или блокирањето на процесот на преговори и членство на Северна Македонија во ЕУ претставува опасност за нашите реформи и за нашиот развој.

Во тековните околности на изборите и од наративот за време на кампањата на политичките оартии, многу дилеми ќе бидат разрешени после гласањето на 8 мај кога ќе биде јасно дали Македонија останува на европскиот пат и со која брзина ќе се движи по него.

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

Извор: Racin.mk