Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на денешната прес-конференција нагласи дека премиерот Мицкоски го копира моделот на Вучиќ, врши притисок врз Обвинителството и дава задачи. Фрчкоски посочи дека Мицкоски наместо да даде одговори за неговата улога во внесувањето на Алта банка во Македонија, испраќа пораки и наредби, со цел случајот да се заташка и застана во одбрана на банката на Вучиќ.

„На јавноста веќе ѝ е јасно дека лажел и дека тој лично е одговорен за банката на Вучиќ. Мицкоски го копира моделот на Вучиќ, врши притисок врз Обвинителството, дава задачи.Гледаме во Србија што се случува со обвинителите што слепо ги слушале наредбите на Вучиќ. Се очекуваат апсења на главните обвинители што ѝ служеле на организираната криминална група и на режимот на Вучиќ“, рече Фрчкоски.

Тој додаде дека колку повеќе прашања се отвораат за Алта банка, толку попаничен во однесувањето е Мицкоски.

„Гледаме дека колку повеќе прашања за одговорност се отвораат за Алта банка, толку по панично Христијан Мицкоски прета во калта. Влегува во дилови и за продажба на банката иако Мицкоски нема никаква надлежност. Во Собранието лаже на надзорната расправа за Алта банка, ги лаже пратениците, ја лаже јавноста. Се плаши. Од тоа што ќе покажат документите, што ќе се открие потеклото на капиталот, трансакциите, сметките и неговите врски со криминалниот картел на Вучиќ“, рече Фрчкоски.

Притоа, Фрчкоски порача дека Обвинителството мора да покаже дека е независна институција, а не продолжена рака на власта.

„Затоа СДСМ поднесе кривични пријави против гувернерот Трајко Славески и против сите инволвирани во внесувањето на Алта банка во Македонија.Затоа Савески мора да покаже дека работи независно и по закон. Сега на ред е обвинителот Савески веднаш да постапи по кривичната пријава. Затоа е потребна брза и силна реакција од Обвинителството.Мора да покаже дека работи независно и по закон. Скандалот со Алта банка нема да се заташка. Правдата доаѓа.Од Мицкоски до Славески – сите ќе одговараат“, рече Фрчкоски.