Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на Фејсбук директно им се обрати на работниците, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за свесна кампања на оцрнување, со која сака да избегне одговорност за ниските плати и тешката економска ситуација во земјата.
„Во моментов, ВМРО-ДПМНЕ се служи со секојдневни оцрнувања на прес-конференции за да избега од одговорноста да ви овозможи вам, работниците, повисоки плати. Сведоци сме на гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против секој кој чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход.“
Филипче истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не го напаѓа синдикатот, туку директно ги напаѓа работниците кои бараат пристојни примања и подобри услови.
„ВМРО-ДПМНЕ има проблем со вас, работниците, не со синдикатот. Вие со право барате пристојна плата со која може да се живее, а тие смислуваат подмолни приказни за да ве обвинат дека сте политички мотивирани.“
Тој нагласи дека зголемувањето на минималната плата е праведно и неопходно, бидејќи граѓаните не можат да ги покријат основните трошоци за живот.
„На ВМРО-ДПМНЕ му пречи секој што бара праведен приход. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати во услови кога ни три минимални плати не се доволни да се покријат основните трошоци за живот. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност.“
Филипче потсети дека ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција ги поддржуваше синдикалните барања, но откако дојде на власт, целосно го смени ставот.
„Но, зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни.“
Тој предупреди дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е да ги замолчи работниците и да ја спречи секоја дебата за зголемување на платите.
„Ова е битка на ВМРО-ДПМНЕ со која конечно ќе стави крај на сите барања, ќе ве замолчи и ќе ве фрли во апатија. Тоа е целта на овие напади и ништо друго.“
Во своето обраќање, Филипче нагласи дека СДСМ останува посветена на граѓаните и нивната борба за подобар животен стандард.
„СДСМ е доследна по ова прашање. И како власт и како опозиција силно се боревме за правата на граѓаните и за достоинствен живот. И ниедна негативна кампања на лаги на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поништи вистината. СДСМ ќе продолжи да ги поддржува граѓаните кои бараат достоинствен приход, ќе продолжи да поднесува закони во Собранието и да стои цврсто во заштитата на граѓаните. Попусто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да не замолчи. А не смее да ве замолчи ни вас, работниците.“ – заклучува Филипче во обраќањето.