Мицкоски го презема моделот на Вучиќ преку контрола врз медиумите, правосудството и безбедносните служби, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто за „Топ тема“ на телевизија Телма.

Филипче посочи дека наместо демократска и европска држава, власта на ВМРО воспоставува систем во кој институциите ќе бидат подредени на интересите на власта, а не на граѓаните. Тој направи јасна разлика меѓу односите со српскиот народ и обвинувањата за луѓето околу Вучиќ. Воедно, посочи дека Мицкоски воспоставува слични практики на контрола врз институциите и медиумите.

„Српскиот народ е наш братски народ. Но, вакви луѓе, како Давор Мацура и неговата компанија околу Вучиќ, ги имаат истите манири на владеење. Сега Христијан Мицкоски до некаде ги воспоставува истите практики: контрола врз медиумите, контрола врз правосудството, контрола врз безбедносните служби. Има многу примери за тоа. Влијание на судството, јавни дискредитации на судии и обвинители, нарачки на процеси и така натам. Чиви манири се тие, на Вучиќ, не се ничии други. Еве, допрва ќе ги докажуваат во Србија, каде што за четири дена се ресетираше системот“, порача Филипче.

Филипче додаде дека зад ваквиот модел на владеење стојат и црниот капитал и мрежите за финансирање медиумска пропаганда, посочувајќи ја Алта банка како еден од клучните примери за поврзаноста на Вучиќ со ВМРО и Мицкоски.

„Алта банка е институција за која знае целиот регион. Јадрото околу кое се врти целиот криминал не е само во Србија, туку и на Балканот. Тоа е јадрото на целокупниот криминален октопод на Вучиќ, во кој ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се само еден од краците, тука, кај нас во Македонија. Тоа е јадрото од кое се финансираше целокупната медиумска пропагандна мрежа, со чија помош ВМРО-ДПМНЕ и нивните лаги дојдоа на власт и сега сакаат да се одржат на власт. Тоа е суштината“, рече Филипче.