Министерството за образование и наука потсетува дека во тек е конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во државата за учебната 2021/2022 година.

Право на сместување имаат ученици што ги исполнуваат следните услови: да се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2021/2022 година; да се државјани на Република Северна Македонија; да се запишани на наставен план и програми што не се застапени во општината, односно градот Скопје, каде што ученикот има постојано место на живеење; училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз; училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

Оваа година учениците имаат избор да аплицираат за сместување во ученички дом електронски со пополнување електронска пријава и прикачување на соодветната документација на https://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во ученичкиот дом најдоцна до 15.7.2021 година.