Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски по повод почетокот на новата учебна година им посака среќен и успешен почеток на сите првачиња и наставници, нагласувајќи дека општината ќе додели субвенции на родителите кои запишуваат ученик во прво одделение за оваа учебна година.

Како поддршка, оваа учебна година согласно одлуката на Советот ќе доделиме субвенции на родителите кои запишуваат ученик во прво одделение во учебната 2023/24 година во вредност од 2000 денари за секое прваче. Барањата можат да се поднесат во Општина Куманово или во училиштата најдоцна до 30 септември, откако детето ќе се запише во училиште. Како пристигнуваат уредно доставените документи од училиштата, до општината, така етапно општината ќе врши исплата, вели градоначалникот Димитриевски.

Димитриевски, на наставниците како носители на образовниот процес им порача успешно да продолжат да ги пренесуваат своите знаења, создавајќи генерации со кои сите заедно ќе се гордееме, а Општина Куманово ќе продолжи со реализација на проекти за подобрување на условите во училиштата, нови спортски терени и подобри услови за сите ученици и наставници во Куманово.