„Како што се движиме по патот кон интеграција во Европската унија, од суштинско значење е да се зајакнат заедниците преку развивање на социјалното претприемништво како модел на инклузивен раст, во кој ранливите и маргинализираните групи се вклучени, ангажирани и овластени за економско учество и успех“ рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на Форумот за социјално претприемништво во Скопје.

Тој додаде дека во земјите од Западен Балкан, многу национални политики се креираат и имплементираат за развој на социјални претпријатија со цел да се помогне социоекономскиот развој.

„Растечката мрежа на здруженија, фондации и граѓански организации кои ги помагаат социјалните претприемачи и се грижат за луѓето со помалку можности навистина дава надеж за иднината“ рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека социјалното претприемништво е вредност што може да донесе добро за сите и може да поттикне социо-економски развој во целиот регион.

„Тоа може да помогне да се решат некои од најголемите предизвици и незадоволени социјални потреби со кои се соочуваат нашите општества, како што се сиромаштијата, невработеноста и социјалната исклученост, но и да се решат, па дури и да се надминат еколошките проблеми“ рече Битиќи.