„Мојата заложба како вицепремиер, но и предходно како советник на премиер, секогаш била насочена кон реструктуирање на нашата домашна економија. Без разлика дали говориме за Планот за економски раст од 2018 година генерално, или конкретно за овој Закон, целта е истата и таа е многу јасна, а тоа е засилената поддршка и развој токму на вашите преработувачки компании со која вие создавате дополнителна вредност. За вас, за вашите вработени, за граѓаните, за нашата конкурентна Европска економија“, истакна Вицепремиерот за економски прашања во обраќањето на Инфо сесијата посветена на стопанствениците „Довербата расте“.

Тој посочи дека токму поради свесноста на оваа Влада за улогата на стопанствениците во општеството, постојат инструментите како што е Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кој е и главната тема на инфо сесијата и низ бројки го опиша патот којшто бил заедно, пред да тргне кон иднината.

„Низ бројки, ако до 2017 имавме нула поддржани домашни комапнии, денеска поддржуваме 919 домашни компании. На тој начин можам да кажам дека заложбите за негување на моторите кои ја движат нашата економија, вродуваат со плод. Тоа е достигнување кое нескромно го припишувам на овој потфат, бидејќи најмалку 12 а можеби и повеќе години предходно не се случуваше“, потенцираше Битиќи.

Тој заклучи дека овој успех не го припишува еднострано само на контото на институциите и дека стопанствениците преку овој Закон досега инвестирале половина милијарда евра и токму затоа, овој реален заеднички успех ќе продолжи и понатаму, како влог во она што е наше, заедничко и ни значи на сите.