Во текот на ноќта на 17/18.10.2026 година, во периодот од 21:00 до 03:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на подрачјето на цела држава насочена кон откривање и санкционирање на возачите кои управуваат возила под дејство на алкохол.

При спроведената контрола алкотестирани се 772 возачи, при што кај 61 возач е утврдено присуство на алкохол во организмот. Од нив, 14 возачи сториле кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик бидејќи кај нив било утврдено присуство на алкохол над 1,50 ‰.

Во рамки на контролата, на 58 возачи им се одземени возачките дозволи, додека согласно член 300-б од Кривичниот законик, одземени се и две моторни возила.

Дополнително, констатирани се и 125 прекршоци од друг вид.

Против сите возачи кај кои се утврдени прекршоци и кривични дела преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на акциски контроли и апелира до возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол. Возењето под дејство на алкохол сериозно ја загрозува безбедноста во сообраќајот и може да доведе до тешки последици по животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.