Видео-снимките кои кружат на социјалните мрежи покажуваат дека плафонот во дискотеката во Кочани, каде што загинаа 51 лице, бил од лесно запалив материјал, а се запалил од пиротехника на сцената.

Согласно законот, за да се употребуваат вакви пиротехнички средства во затворен простор потребно е одобрение од МВР и потребна е нивна набавка од правни објекти кои имаат лиценца за промет со експлозивни средства. Вработените во овие компании минуваат детални безбедносни проверки од Агенцијата за национална безбедност, се обучуваат како пиротехничари и вршат проценка на ризик пред секоја употреба.

Граѓаните на социјалните мрежи реагираат и прашуваат кој дозволил користење на пиротехнички средства во дискотеката и дали организаторите побарале дозвола за нивна употреба, но и дали МВР извршило контрола и знаело какви средства се користат во клубот.

Министерството за внатрешни работи треба да врши надзор над употребата на пиротехнички средства. Тие издаваат одобренија и обезбедуваат усогласеност преку инспекции. Доколку се утврдат прекршувања – како што се немање одобрение, необучен персонал или небезбедни услови – Министерството може да нареди корективни активности, да забрани употреба на пиротехнички средства или да забрани понатамошно ракување од неквалификувани поединци.

Под истрага треба да биде ноќниот клуб, одговорниот за ракување со пиротехниката, но и самото Министерство за внатрешни работи.