Скандал без преседан е најавата на вицепремиерот Изет Меџити за вработување помеѓу 2.000 и 3.000 лица во државната администрација, порача денес на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богаднка Кузеска.
„Откако Таравари изјави дека прво требало да се решат етничките прашања, па потоа да се зборува за економијата, сега Меџити има нова стратегија – прво да се вдомат партиските кадри, а потоа ќе зборуваме за вработување на квалитетните и способните. Мицкоски во целата оваа ситуација молчи, како и секогаш кога е во криза“ вели Кузеска.
Таа во име на СДСМ јавно постави прашања до владејачката коалиција.
„Според кои критериуми ќе се избираат овие 3000 вработени? Дали ќе има јавни конкурси или веќе постои список на „подобни“ кандидати? Дали овој список е веќе на масата на Христијан Мицкоски? Дали ВМРО-ДПМНЕ молчи затоа што веќе е договорено дека дел од овие вработувања ќе бидат за нивни кадри?“ праша портпаролката на СДСМ.
Кузеска побара Државната комисија за спречување корупција да реагира, а надлежните институции да покренат соодветна истрага.
„СДСМ ќе се спротивстави на оваа политика и ќе ја брани праведноста и транспарентноста во институциите. Граѓаните заслужуваат држава во која секој ќе има еднаква можност, а не држава во која работните места се распределуваат според партиски списоци“ порача Кузеска.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...