Ако влијанијата на политиката врз судството се проблем, тогаш поголем проблем е политиката, отколку судството, истакна професорот Гордан Калајџиев во емисијата Трилинг.

„Зборуваат за ниска доверба во судството, а која голема доверба ја имаат политичарите? Тоа се прашале? Кој им дава за право да сечат судски глави? Тоа не може. Во модерна правна држава, не може извршната власт по свое гледање, да сече глави во судската власт, не може. Судскиот совет е поставен за да биде брана, баш од тоа и сега ако тие почнат да сечат глави од Судски совет и натаму, всушност прават директен атак врз Уставот на државата“ вели тој.

Калајџиев потсети дека проблемите во судството не се решаваат преку ноќ дека тие се последици на партизацијата, но меѓудругото и на ниската правна и политичка култура во државата.

„Извршната власт тоа си го замислува дека како мали Ѓокица, ќе исече некои глави, ќе донесе нови глави и готово. Најгрдото во сето ова според мене е што тргаат едни, а носат свои во судството. Ако така тргаат да градат правна држава, фала им. Тоа го гледаме, свој човек вам свој човек таму“ рече Калајџиев.