Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) преку писмо до министерот за култура, Зоран Љутков, реагира за парите предвидени во буџетот за филм за 2025 година и бара негово ревидирање.

„Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025та година, ставката за филм изнесува само 2.4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување. Јавно укажуваме дека предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија. Затоа бараме од Владата, од Министерството за култура и Министерството за финансии ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм. Воедно, како филмски автори и филмски професионалци за кои работата на филм значи се, ја истакнуваме неопходноста за кадровска консолидација во Агенцијата за филм“ се наведува во писмото.

Македонските филмски работници во писмото изразуваат и револт од работењето на новата в.д. Директорка на Агенцијата за филм.

„Во момент кога сме длабоко навлезени во четвртиот месец од мандатот на в.д директорката на Агенцијата за филм, период во кој снимања речиси и да нема, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и во кој годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен, радоста исчезна, а одржувањето на надежта стана невозможно“ велат од ДРФМ.