СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и нема да ја кочи иднината на земјата и граѓаните за своја политичка корист но нема да биде параван на пропаднатите политики на Мицкоски, порача денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на народниот собир во с. Селце, Прилеп, кој традиционално се одржува по повод Денот на народното востание, 11 Октомври.

„Слушам дека бараат конструктивност од опозицијата. Велат ќе сме биле вклучени во одлуките. Сакам јасно да им порачам, СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и нема да ја кочи иднината на земјата и граѓаните за своја политичка корист. Но едно да биде јасно, СДСМ нема да наседне на нивните манипулации“, изјави Филипче.
Во обраќањето Филипче посочи дека СДСМ ќе даде поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи.

„Ако очекуваат дека СДСМ наивно ќе даде поддршка на идеи кои значат понатамошни блокади, решенија во кои никој не верува освен тие самите во Белата палата, тогаш се излажале. Ние нема да бидеме параван за нивните пропаднати политики. Нека покажат лидерство, нека покажат храброст и најважно од се, нека покажат искреност“, потенцираше Филипче и додаде дека доколку ВМРО ДПМНЕ не понуди реални решенија, СДСМ нема да биде соучесник.
„Нека понудат реални решенија околу кои може да се обединиме. Ако не, нема да бидеме соучесници во нивната пропаст“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.