ЗОРАН ИВАНОВ

Велат нема погрешни прашања, туку само погрешни одговори.

Сепак, денеска на македонскиот премиер некој му поставил „погрешно“ прашање, а тој ќе се распрашувал натаму.

Македонската национална телевизија не се емитува во Бугарија, а еден канал на бугарската национална телевизија зрачи во македонскиот етер. Премиерот немал одговор зошто е тоа така, но сите го знаеме одговорот.

Прво, уште кога пред две, две и пол години се потпишуваше, а којзнае и по кој пат, засега последниот, договор меѓу двете национални телевизии за размена на програмите, односно за размена на директните ТВ сигнали, ние што подолго паметиме, а сме изгорени од бугарските данајски ветувања, укажуваме дека од тој „бизнис“ пак ќе нема ништо. Бугарската страна го протна својот државен ТВ сигнал наваму, нашиот заврши на Деве Баир.

Причината, иако му е јасна и на секое дете овде, баш не мора да се бара далеку и длабоко во минатото. Ене ја, во писмото што Бугарија го депонираше во ЕУ во Брисел, со кое си ветува дека не го признава македонскиот јазик. Никогаш и не го признавала. Оттука, која ли политичка утка беше таламбасата со потпишувањето на договорот за размена на ТВ сигнали и ТВ програми со живо емитување, каде што било кава цензорска интервенција е исклучена и каде соседот не ти признава ниту јазик, ниту историја. Кој воопшто ѝ поверува на добрата волја на бугарската страна дека нешто нагло ќе се промени во бугарската политика на овие идентитетски теми.

Нејсе, ова со телевизиите е посебна приказна и поради програмските содржини. Бугарскиот ТВ канал кој зрачи во Македонија е набиен со документаристичко „едукативни“ историски содржини, а на македонскиот канал, и поради такви идентични нарации, но скроени овде, не му е дозволено да ја помине македонско-бугарската граница. Онака, добрососедски.

Тоа медиумско добрососедство заврши уште пред и да почне со блеф постапката на МИА, Македонската (Медиумската) информативна агенција, која отвори дописништво во Софија со новинар оттаму. Со новинари дописници со бугарски мајчин јазик и со бугарско државјанство и овде и таму. Секако дека е неважна етничката и националната припадност за професионални новинари какви што верувам дека се колегите дописници, но зборувам за чинот и мимикријата со која и МИА потпиша договор за размена на вести и други прес информации со бугарската национална новинска агенција БТА, а всушност таа соработка постои откако постои и МИА и сето во рамките на АБНА, асоцијацијата на балканските новински агенции, кои вестите и другите авторски прес продукти бесплатно, солидарно и колегијално си ги отстапуваат на располагање.

Ете, тоа е таа кооперативност, евидентирана и со потпишувањето на меѓусебни институционални договори. И така и ни треба кога нашиве се обидуваат да садат тикви и таму каде што сè уште климата не е погодна за тоа. Ќе дојде и тоа време. Секако ќе дојде. И отаде Деве Баир, полека, но сигурно, исчезнуваат живковистичките манири, иако сè уште се доминантни во бугарскиот политички живот. И кај и да е, и Бугарија полека ќе се демократизира и европеизира. И македонската државна телевизија ќе зрачи и таму, како и бугарската овде. И македонскиот ќе се учи и таму, и сè ќе си дојде каде што природно, демократски и европски им е местото.

Дотогаш… Дотогаш на релациите опишани во овие редови, како и во културата, уметноста, спортот – државата поарно ич да не се плетка, за да не ги забрка, како ова со сигналиве телевизиски. Нека си остави сè на „пазарот“, на колегијалната соработка на новинарите и медиумите, на културните дејци и нивните институции, на спортистите и на нивните клубови. За телевизиите исто. Има приватни телевизии, медиуми воопшто. Тие лесно си го наоѓаат патот на соработка. Еве, веќе неколку македонски серии, природно, на македонски јазик, се емитуваат на тамошни частни ТВ канали и тоа исто како и овде кога одвреме-навреме ТВ серии на бугарски јазик се тркалаат по каналите на македонските провајдери.

Затоа, колеги, не се вознемирувајте, одговорите не се во одговорите, туку во прашањата.


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia