Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи оствари работна средба со амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија Н.Е. Сирил Бомгартнер и директорката за меѓународна соработка на МВР на Франција, Софи Ат. Министерот Спасовски ги поздрави присутните и изрази благодарност за реализираната средба која, според него, ќе придонесе за натамошен развој на меѓусебните односи, особено во насока на уште поголемо унапредување на билатералната соработка, која и сега се одвива со голем интензитет.

Денешнава средба беше искористена и за потпишување на Протоколот за спроведување нa Спогодбата за преземање на лица кои престојуваат без дозвола, за чие навремено усогласување во голема мерка се заслужни експертите на двете страни. Со неговото стапување на сила ќе се олесни справувањето со илегалната миграција, борбата со прекуграничниот криминал, но и заканите од тероризам, што е од големо значење за земјите кои се најпогодени од мигрантските напливи, а секако ќе ја олесни и постапката при преземање на лицата кои престојуваат без дозвола.

Министерот Спасовски изрази благодарност во свое име за укажаната поддршка од Амбасадата на Француската Република и аташето за внатрешна безбедност на Министерството за внатрешни работи, пред сѐ за понудените и реализираните обуки, семинари и друг вид на поддршка, кои и покрај отежнатите услови поради пандемијата со ковид-19, се одвиваа непречено, како и за поддршката на нашите аспирации за членство во Европската Унија.