Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, денеска ги посети средношколците кои учествуваат на натпреварот на идеи за идни бизниси, во организација на „Бреинстер Некст“, на кој младите имаат можност да се докажат како потенцијални идни претприемачи и иноватори.

На натпреварот учествуваат ученици од јавни и приватни средни училишта, кои преку своите идеи нудат решенија за различни општествени предизвици од областа на технологијата, екологијата, образованието и други сфери.

„Навистина е одлична идејата и организацијата на овој натпревар. Имав можност да запознаам многу млади и талентирани ученици кои размислуваат критички, иновативно и претприемачки. Особено радува тоа што покрај креативноста, покажуваат и натпреварувачки дух, самодоверба и подготвеност да ги презентираат своите идеи, но и да се борат за нивна реализација“, истакна Јаневска.
Таа посочи дека натпреварот отвора конкретни можности за претворање на ученичките идеи во реални бизнис проекти, имајќи предвид дека „Бреинстер Некст“ ги поврзува учесниците со бизнис заедницата и обезбедува награда од 1 милион денари за победничкиот поединец или тим.

„Ваучерот е значајна можност за започнување сопствена стартап компанија и развој на сопствен бренд, но и за интегрирање на бизнис идејата во веќе постоечка компанија или поврзување со потенцијални коинвеститори“, додаде Јаневска.

Од 650 пријавени проекти, 60 се пласираа во потесниот круг од натпреварот, министерката им посака успех во денешното претставување и пласман во утрешното финале, посакувајќи победа на најкреативната и истовремено остварлива бизнис идеја.
Јаневска упати благодарност до раководството на „Бреинстер Некст“ за поттикнувањето на младите и поддршката на нивната едукација, нагласувајќи дека соработката со образовните институции и приватниот сектор е важна за унапредување на образовниот систем.
„Верувам дека добрата соработка која ја започнавме преку заедничката заложба за интегрирање на вештачката интелигенција во училиштата, ќе продолжи и во иднина. Заеднички можеме да одговориме на бројни предизвици и да придонесеме за развој на националниот образовен систем“, порача министерката.

фото Министерство за образование и наука