„Макроекономската стабилност не е алтернатива на економскиот развој или конвергенцијата со ЕУ. Таа е еден од основните услови за нивно одржливо остварување“, истакна гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на семинарот на Генералниот совет на Европскиот систем на централни банки со централните банки на земјите кандидатки и потенцијалните кандидатки за членство во Европската Унија, одржан во Европската централна банка во Франкфурт. На семинарот учествуваше и вицегувернерката на Народната банка, Арљинда Хасани Синани.
Гувернерот Славески се осврна на економските и финансиските врски со ЕУ, отпорноста на домашната економија и потребата од премин кон модел на раст заснован врз повисока продуктивност и поголема домашна додадена вредност. Тој истакна дека тесната поврзаност со европската економија е значаен двигател на растот и конвергенцијата, но истовремено претставува и канал преку кој надворешните шокови се пренесуваат врз домашната економија. Зајакнувањето на отпорноста на подолг рок бара поквалитетни инвестиции, технолошка модернизација, иновации, развој на човечкиот капитал и посилно поврзување на странските инвеститори со домашните компании.
Осврнувајќи се на монетарната политика, Славески нагласи дека ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс се основа за предвидливо деловно окружување и одржлив економски раст. Притоа, при донесувањето на одлуките, Народната банка ги зема предвид и специфичните состојби во домашната економија, вклучително и инфлацијата, движењата на девизниот пазар, девизните резерви, платите и кредитниот раст.
Во рамките на дискусијата за платните системи, гувернерот го истакна напредокот во модернизацијата на домашната платежна инфраструктура и придобивките од приклучувањето кон СЕПА. Проценетите заштеди на банкарски надоместоци во првата година од учеството во СЕПА надминуваат 5 милиони евра. Испраќањето 500 евра кон земјите од СЕПА е шестпати поевтино за граѓаните во споредба со претходниот модел, додека кај трансакциите од 20.000 евра трошоците за компаниите се деветпати пониски.
Тој се осврна и на регионалната иницијатива за воспоставување платформа за инстант плаќања заснована врз клонот на ТИПС, во која активно учествува Народната банка. Платформата ќе овозможи пренос на средства во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, и ќе придонесе за развој на домашните и прекуграничните инстант плаќања и за поврзување со регионалниот, а на подолг рок и со европскиот платежен простор.
Во рамките на настанот се одржа и средба на гувернерите со Пјеро Чиполоне, член на Извршниот одбор на Европската централна банка.