Прес-конференција на портпаролот на Црвена младина – Петар Здравевски:

Веќе втор ден по ред, министерката Јаневска со невидена дрскост им порачува на студентите законски загарантирани права да си бараат на суд. Иако пресметките на самото Министерство покажуваат дека износот на студентскиот оброк треба да биде повисок, Јаневска останува на ставот дека ќе чека судска одлука и не планира ни минимално да го покачи истиот. Апсурдот е дотолку поголем што студентите се принудени да тужат институција чија законска надлежност е токму заштитата на нивните права.

Во одбрана на ваквиот третман на студентите се впрегна и претседателот на УМС на ДПМНЕ, Тодор Конески, кој во вчерашното гостување на Сител се осврна на наводните злоупотреби на средствата за студентски оброк. Наместо да го артикулира револтот на сопствената генерација, претседателот на партискиот подмладок ја пренасочува дискусијата кон начинот на кој студентите ги трошат мизерните 140 денари. Дали Конески со истата ревност ги преиспитува трошоците за службени возила, патни трошоци, репрезентации и ресторански услуги? Дали му е прифатливо со народниот буџет да се набавува аспарагус за владината кујна, а на студентите да им се бројат залците?

Наместо да се разговара за грабежот на студентите, кое според пресметките на Левица достигнува околу 400 милиони денари, ДПМНЕ ја пренасочува дебатата кон студентите како потенцијални злоупотребувачи на буџетот и тоа во услови на драстично поскапена храна.

Левица повторно ќе поднесе предлог за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, со кој ќе се обезбеди зголемување на неговиот износ. Воедно, во рамки на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година, Левица веќе има поднесено амандман за обезбедување дополнителни средства за оваа намена. Го повикуваме парламентарното мнозинство на ДПМНЕ да ги поддржи овие предлози и конечно да престане со опструирањето на зголемувањето на студентскиот оброк.