Прес на Ели Панова, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник:

Пристапот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е државата да биде насочена кон граѓаните, јавните средства да се користат одговорно и секоја инвестиција да има јасна цел, подобар и поквалитетен живот.

Затоа, во Буџетот за 2027 година посебен акцент е ставен на пензионерите, здравството, образованието, младите, студентите, учениците.

За исплата на пензиите во 2027 година се планирани 123,8 милијарди денари, што е за 5,6 милијарди денари повеќе во однос на 2026 година, што јасно покажува дека грижата за пензионерите останува високо на листата на државни приоритети и дека продолжува обезбедувањето средства за нивната финансиска сигурност.

Истовремено, државата продолжува да ја зајакнува и социјалната заштита, па така за социјални надоместоци во 2027 година се предвидени 14,3 милијарди денари, средства кои што треба да обезбедат континуирана поддршка за најранливите категории граѓани, за семејствата и за поединците на кои што помошта им е најпотребна.

Посебно важна област во Буџетот за 2027 година е здравството, бидејќи здравјето на граѓаните мора да биде помеѓу највисоките приоритети на секоја одговорна влада, така за здравствена заштита се планирани 58,7 милијарди денари, односно за 2,8 милијарди денари повеќе од 2026 година.

Дополнително, за медицинска опрема се предвидени 198 милиони денари, што претставува зголемување од скоро 54%, а од овие средства 115 милиони денари се наменети за набавка на нови медицински возила, а додека 65 милиони денари се предвидени за проектот за новите клинички центри во Скопје и Штип.

Инвестицијата во иднината на Македонија започнува со инвестиција во децата и младите, токму затоа квалитетот на образованието, условите за студирање и можностите што им ги нудиме на новите генерации ќе определат каква држава ќе имаме во годините што следуваат.

Токму затоа, Буџетот за 2027 година предвидува зголемени средства за образованието, подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард и продолжување со инвестициите во образовната инфраструктура.

Во основното образование средствата се зголемуваат за 20% и достигнуваат 2,4 милијарди денари, додека во средното образование се предвидени 2,5 милијарди денари, што претставува раст од над 12 проценти, со што се создаваат подобри услови за унапредување на образовниот процес и подобрување на инфраструктурата во училиштата.

Особено внимание се посветува и на ученичкиот и студентскиот стандард, па така за ученичкиот стандард се планирани 696 милиони денари, додека за студентскиот стандард се предвидени 1,9 милијарди денари, средства кои што треба да придонесат за подобри услови за образование, престој и студирање на младите.

Од друга страна, продолжуваат инвестициите во високообразовната инфраструктура, вклучително и довршувањето на објектите на ФИНКИ и изградбата на нов објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, затоа што Македонија мора да има современи образовни капацитети кои што ќе одговараат на потребите на студентите и на современите образовни стандарди.

За изградба, опремување и одржување на градинките во 2027 година се предвидени 83,2 милиони денари, што е зголемување, за внимавајте 380% во однос на 2026 година, а ова зголемување треба да се преточи во подобри услови за најмладите, дополнителни капацитети и поголема поддршка за родителите.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи на создавање држава во која пензионерите ќе имаат сигурност и достоинствен живот, семејствата ќе добиваат поголема поддршка, децата ќе имаат подобри услови за образование и развој, студентите ќе имаат поквалитетен стандард, а младите ќе добијат повеќе причини својата иднина да ја градат во Македонија.

 

https://www.youtube.com/watch?v=oEuNbVfgjOM

 

фото ВМРО ДПМНЕ