Со комбинирана владина поддршка во инфраструкутрата, земјоделството и туризмот, правиме развој на општина Валандово. Предвидовме финансиска поддршка од околу 100 милиони денари, од кои 65 милиони денари се директно од буџетот на Министерството за транспорт и околу 35 милиони денари преку двата повици за инфраструктурни проекти, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при днешената посета на општината Валандово.

“ Само преку овие 65 милиони денари од Министерството за транспорт реализираме навистина еден голем проект, а тоа е асфалтирање на улици и тоа во село Собри од 650 метри, во село Пирава од 580 метри, во село Брајковци од 774 метри, во село Раброво во должина од 1.230 метри и во село Марвинци, каде што сме сега, во должина од 1.560 метри, што сериозно треба да допринесе за подобрување на условите за живот на жителите на сите овие населени места. Но, исто така, имајќи предвид дека овие населени места се во близина на Коридорот 10, се работи за најживиот и економски најзначајниот автопат, ова ќе значи можност и за искористување на туристичкиот потенцијал на овие места. Веќе зборувавме со градоначалникот во однос на поголема презентација на познатиот Исар Марвинци, кој може да стане сериозна туристичка атракција, така што ќе работиме во насока и на таа поддршка, со цел да се зголеми бројот на туристи коишто доаѓаат. Ако на тоа се додадат и мерките за поддршка на земјоделието, што ги прави Владата, во една комбинирана поддршка на развојот на инфраструктурата и развојот на земјоделието, мислам дека многу можеме да направиме во следниот период. И градоначалникот и пратеничката прават одлична работа, даваат голем свој личен ангажман и посветеност во нивната работа и затоа општина Валандово и во годините коишто се пред нас ќе продолжи да ја има поддршката од Владата и ќе продолжиме заеднички да инвестираме и да имаме уште подобри проекти”- изјави вицепремиероот Николоски

Тој најави и реконструкција на регионалниот пат од Валандово до Струмица преку Валандовско брдо.

“ Имајќи предвид дека постојниот пат е во лоша состојба, екипи на Јавното претпријатие за државни патишта направија увид, ја скенираа состојбата, направивме проект и очекувам во најскоро време да излезе повикот од ЈПДП, со кој повик треба да се избере изведувач кој ќе направи целосна реконструкција на овој пат. Значи, планираме целосна реконструкција на патот што води од Струмица до Валандово” – додаде вицепремиерот Николоски.