Нова образовна можност за стекнување квалификација – специјалист за мехатроника на камиони и тешки товарни возила е воведена во средното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје. Програмата, која од денеска започнува да ја следи првата група од 15 пријавени учесници, претставува одговор на реалната потреба на пазарот на труд од стручен и специјализиран кадар во оваа област.
Станува збор за програма развиена преку соработката на Министерството за образование и наука, Агенцијата за вработување, СУГС „Владо Тасевски“, Кралството Шведска, Волво Груп и швајцарската агенција Хелветас, со цел да се создадат услови за стекнување конкретни знаења и практични вештини согласно потребите на областа.
Програмата е дел од неформалното образование и овозможува директно поврзување на образованието со реалниот сектор, преку практична обука и пренесување знаења од врвни професионалци од индустријата.
„Средното стручно образование е една од нашите силни страни, а со вакви иницијативи го правиме образовниот систем уште посилен, пофункционален и поефективен. Особено е значајно што учесниците ќе имаат можност да добијат практична обука со поддршка на компанија од светски ранг во автомобилската индустрија. Очекувам оваа група да прерасне во квалитетен и конкурентен стручен кадар, подготвен да одговори на потребите на компаниите и пазарот на труд“, истакна државниот секретар во МОН, Елена Ивановска на промоцијата и стартот на програмата.
Таа изрази очекување дека оваа иницијатива ќе прерасне во формална образовна квалификација и ќе стане достапна и за помладите генерации, како дел од редовниот образовен систем.
„Министерството за образование и наука, во соработка со Центарот за развој на стручното образование и Бирото за развој на образованието, ќе работи на создавање услови за нејзино интегрирање во формалното образование, преку подготовка на соодветна наставна програма и учебник. Се надевам со нашите партнери, доколку е потребно ќе обезбедиме и дополнителна опрема опрема за квалитетна практична обука“, посочи Ивановска.
Воведувањето на новата квалификација е уште еден пример за важноста на партнерството меѓу образовните институции, бизнис-заедницата и меѓународните партнери во создавањето образовни можности кои директно придонесуваат за развој на стручните компетенции, вработливоста на граѓаните и конкурентноста на домашната економија.
фото: Министерство за образование и наука