Македонскиот туризам бележи значителен напредок, а актуелните статистички показатели потврдуваат дека земјата се движи кон надминување на поставените туристички цели. Заклучно со септември се регистрирани повеќе од 1.100.000 туристи и речиси три милиони ноќевања, со што се надминуваат првичните очекувања за оваа година.

Растот е особено изразен во третиот квартал, кога во споредба со истиот период минатата година се евидентирани 35.000 повеќе туристи и 110.000 повеќе ноќевања. Зголемувањето е над шест проценти во двете категории, што укажува на позитивните движења во туристичкиот сектор.

Истовремено, со владините политики Македонија бележи значителен раст на воздушниот сообраќај. Во периодот од почетокот на годината до 25 октомври, скопскиот и охридскиот аеродром опслужиле над 3,65 милиони патници, односно 28 проценти повеќе од истиот период во 2025 година. Реализирани се 24.232 летови, што претставува раст од 10 проценти.

Овие резултати се поврзуваат со политиките за унапредување на авиосообраќајот, субвенционирањето на авиолиниите и вложувањата во аеродромската инфраструктура. До крајот на годината се очекува бројот на патници да се приближи до четири милиони, па дури и да ја надмине оваа бројка.

Посебно значајно е проширувањето на мрежата на директни летови. Воведени се 28 нови авиолинии од Скопје и Охрид, кои овозможуваат директно поврзување со дестинации како Париз, Барселона, Лион, Амстердам, Мадрид, Стокхолм, Прага, Истанбул, Милано, Братислава и Виена. Поголемата достапност на Македонија создава дополнителни можности за привлекување туристи и развој на домашната економија.