Министерот за правда Јетон Шасивари, во рамки на работната посета на Германија, оствари средба со Анете Краме, парламентарна државна секретарка во Сојузното министерство за правда и заштита на потрошувачите на Германија.
На средбата се разговараше за актуелните реформски процеси во правосудството, зајакнувањето на владеењето на правото, независноста и ефикасноста на правосудните институции, како и за предизвиците во спроведувањето на реформите согласно европските стандарди.
Посебно внимание беше посветено на можностите за продлабочување на билатералната соработка, размената на експертски искуства и примената на добри практики од германскиот правосуден систем.
Министерот Шасивари ја истакна важноста на Германија како партнер во европскиот интеграциски процес, нагласувајќи дека реформите мора да донесат суштински промени во функционирањето на институциите.
„Успехот на правосудните реформи не се мери само според бројот на донесени закони, туку според нивната примена во пракса. Нашата цел е правосуден систем што обезбедува правна сигурност, еднаков третман пред законот и поголема доверба на граѓаните во институциите“, истакна министерот Шасивари.
На средбата беше нагласена важноста од континуирана институционална соработка и поддршка во процесот на усогласување на националното законодавство со европските стандарди.
Министерството за правда продолжува со активностите за унапредување на меѓународната соработка, со фокус на конкретни резултати во реформите и зајакнување на владеењето на правото.
фото Министерство за правда