Со наредбите до обвинителство и заканите Мицкоски ја попречува правдата за Алта банка, нагласи членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција. Поповиќ посочи дека Мицкоски директно се меша во работата на Обвинителството, испраќа наредби од владината говорница кого да гони и за кое дело, а истовремено упатува закани кон СДСМ затоа што ја отвора вистината за Алта банка.

„Затоа се заканува на СДСМ. Затоа од владина говорница му нарачува на Обвинителството кого да гони и за кое дело. Тоа е начинот на кој функционира организираната криминална група ВМРО“, рече Поповиќ.

Притоа, Поповиќ посочи дека според членот 368 – а од Кривичниот законик, попречувањето на правда е казниво со затворска казна од една до десет години.

„Кога веќе се повикува на Кривичниот законик, го потсетуваме Мицкоски на членот 368-а, кој се однесува на „попречување на правдата“. Ставот 5 предвидува затвор од една до десет години за влијание со сила, сериозна закана или корист врз обвинител, судија или друго наведено лице, за постапување спротивно на неговите должности и овластувања, или за спречување во вршењето на тие дејствија“, рече Поповиќ.

На прес-конференцијата Поповиќ нагласи дека Мицкоски е во паника затоа што вистината за Алта банка излегува на виделина и ги презема методите на својот ментор Вучиќ, додавајќи дека токму политичкото влијание врз правосудството е нотирано и во последниот Извештај на Европската комисија. Таа упати порака и до обвинителот Савески дека мора да работи независно, без телефонски повици и нарачки од Мицкоски и ВМРО.

„Во последниот Извештај на Европската комисија јасно е нотиран политичкиот притисок врз правосудството.Извештајот на ЕК има директна врска со Савески. За почеток, ако сака да го поправи, мора да престане да му крева на Мицкоски на телефон, да престане да прима нарачки од Собранието и од телевизиските настапи и да почне да си ја работи работата за која положи заклетва пред народот, а не пред ВМРО“, рече Поповиќ.

Поповиќ нагласи дека Мицкоски не може да одлучува каде обвинителството смее да истражува, а каде не, ниту да ги заплашува институциите и опозицијата за да ја спречи истрагата за Алта банка.

„Не одредува Мицкоски каде смее, а каде не смее да истражува обвинителството во врска со Алта банка.Има закон, има обвинителство и суд.Тие мора да одлучуваат, да делуваат, да обезбедат правда. За Алта банка мора да има независна истрага и одговорност за сите за кои ќе се утврди дека го прекршиле законот. Почнувајќи од Мицкоски, Славески и Кочовска па потоа сите по ред“, рече Поповиќ.