Членовите на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното димензиjа на Иницијативата за Централна Европа, учествуваа на состанокот на Парламентарното собрание на ЦЕИ ПД, на 3 и 4 ноември во Букурешт, Република Романија.
На почетокот на средбата прво заседаваа трите генерални комитети на ЦЕИ ПД – за политички прашања, за економски прашања и за културни прашања, при што се избраа претседавачи и заменици на комитетите. Во Комитетот за културни прашања за претседавачка е избрана пратеничката на Собранието на РСМ, Рашела Мизрахи.
После воведните обраќања на претседавачот и на други претставници од земјата домаќин, на состанокот се дискутираше во две сесии – на првата темата беше унапредувањето на европската интеграција на земјите кандидати, а на втората за зајакнувањето на економската соработка помеѓу земјите на ЦЕИ како предуслов за заеднички раст.
На првата сесија пратеникот Миле Лефков истакна дека владите треба да создадат услови во кои компаниите можат успешно да работат и економијата да биде двигател на друштвениот напредок и интеграцијата во Европската Унија. Тој ги спомена владините економски политики и имплементацијата на Реформската агенда на ЕУ 2024 – 2027 година. Исто така, ја нагласи стратешката определба на земјата за интеграција во ЕУ и побара реформските резултати да бидат единствениот критериум за интеграција на земјите кандидати.
На втората сесија за зајакнување на економската соработка помеѓу земјите членки на ЦЕИ зборуваше пратеничката Рашела Мизрахи. Таа потврди дека економската соработка ги јакнува земјите од регионот и затоа е во интерес на сите страни. Во тој контест ги истакна инвестициите на нашата земја во Коридорите 8 и 10 и нивната улога во поврзувањето на регионот и пошироко.
На крајот на состанокот се усвои Финална декларација во која се истакнува дека во актуелната геополитичка ситуација земјите на ЦЕИ треба да ги зајакнат своите напори за поддршка на европската интеграција на земјите кандидати. Понатаму се истакнува дека интеграцискиот процес треба да се заснова на принципот на заслуга и се повикуваат земјите кандидати да ги забрзаат реформските чекори и усогласувањето со правото и заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Од овој па до следниот состанок на Парламентарното собрание, на есен идната година, претседателството со ПД на ЦЕИ го презема Украина.
фото Собрание