ФБ објава на Елена Ивановска, Генерален секретар на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ
На жената не и треба машки надзор и треба почит !
Изјавата дека на жената ѝ треба „машки надзор“ не е само несоодветна формулација. Таа отвора прашање за вредностите, сфаќањата и односот кон жената во едно современо демократско општество.
Жената не е малолетна, не е “нечие сопствеништво” и не е личност на која ѝ треба старател за да носи одлуки. Таа е самостојна личност со сопствен разум, достоинство, способности и право сама да го избира својот животен пат.
Особено загрижува кога вакви пораки доаѓаат од луѓе кои претендираат да влијаат врз општествените процеси. Јавната функција и политичката одговорност подразбираат и одговорност за вредностите што се испраќаат до граѓаните.
Мажот и жената не треба да бидат во однос на „надзорник и надгледуван“. Треба да бидат рамноправни партнери – во семејството, во општеството, во институциите и во политиката.
Наместо да зборуваме за „машки надзор“, треба да зборуваме за еднакви можности, економска независност, безбедност, образование и еднакво учество во донесувањето одлуки.
И да потсетиме:
Жените не се борат да бидат над мажите.
Се борат да не бидат под нив.
Жената не бара дозвола да биде слободна. Не бара одобрение за да биде успешна. И не бара надзорник за да биде способна. Бара само она што ѝ припаѓа – еднаквост, почит и достоинство!