Основната каматна стапка е задржана на 4,25% ̶ високата неизвесност и непредвидливост и натаму упатуваат на потребата од претпазлив пристап
На 3 ноември 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор на Народната банка за поставеноста на монетарната политика, на којашто беа разгледани најновите макроекономски показатели од домашното и надворешното окружување, најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари, како и согледувањата од најновите макроекономски проекции на среден рок. Претходно, на 2 ноември 2026 година, Советот на Народната банка го разгледа и го усвои најновиот Квартален извештај, во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка.

На оваа седница Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4,25%, во согласност со тековните економски услови, најновите макроекономски проекции и со оценетите ризици од надворешното и домашното окружување. И покрај стабилноста на девизниот пазар и забавувањето на инфлацијата, беше оценето дека е потребно време да се согледа одржливоста на овие движења, особено имајќи ја предвид високата неизвесност во надворешното окружување. Имено, геополитичките тензии, особено ескалацијата на Блискиот Исток и продолжувањето на војната во Украина, придонесоа за дополнителен раст на цените на нафтата и другите енергенти, како и за нарушувања во синџирите на снабдување, кои може да се пренесат врз девизниот пазар и домашните цени во следниот период. Покрај тоа, и натаму се присутни домашни фактори коишто ја поддржуваат побарувачката и создаваат ризици за идната динамика на инфлацијата. Во вакви услови, Извршниот одбор оцени дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, при што високата неизвесност и непредвидливост упатуваат на потребата од задржување на претпазливиот пристап.

Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени во доменот на задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за долгорочно стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијае и врз кредитните услови во економијата. На последниот состанок во октомври, Европската централна банка, исто така, ги задржа каматните стапки непроменети, оценувајќи дека ризиците поврзани со цените на енергијата и натаму се присутни, додека базична инфлација останува релативно стабилна и засега не се забележуваат позначителни притисоци од платите.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна. Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, а Народната банка интервенира со откуп на девизи во поголемиот дел од третиот квартал. Нивото на девизните резерви на крајот на септември, изнесува 5.024 милион евра и се одржуваат во сигурната зона во согласност со показателите за адекватност. Најновите проекции за надворешната позиција укажуваат на дефицит на тековната сметка од 5,7% од БДП во 2026 година, што претставува продлабочување во споредба со претходната година, во услови на нестабилно меѓународно окружување и високи цени на енергентите на светските берзи. На среден рок, за периодот 2027 ‒ 2029 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот, до ниво од 2,6% од БДП во 2029 година. Се очекува дека финансиските текови ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи финансирање на дефицитот и збирен раст на девизните резерви.

Во септември, годишната стапка на инфлација се задржа на релативно умерено ниво од 2,7%, но ефектите од растот на светските цени на енергентите врз домашната инфлација стануваат видливи преку забрзувањето на енергетската компонента на инфлацијата. Забрзување се забележува и кај прехранбената компонента, додека базичната инфлација забавува. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во нагорна насока, што упатува на поголеми увозни ценовни притисоци врз домашните цени во следниот период. Според најновите проекции, се очекува инфлацијата во 2026 година да забави на 3,6% и да продолжи со надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 3,4% во 2027 година, 2,2% во 2028 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од стабилизирањето на увозните цени, закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка.

Домашната економија останува отпорна и покрај неизвесното и променливо надворешно окружување. Во првата половина од 2026 година, реалниот годишен раст на БДП достигна 3,7%, што е малку повисоко од очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2026 година упатуваат на понатамошен раст, но со умерено забавена динамика. Согласно подобрите остварувања во првата половина на годината, новите проекции упатуваат на умерено забрзување на растот на БДП, со стапки од 3,8% во 2026 година и 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори на растот. Во услови на засилен јавен инвестициски циклус во патната и енергетската инфраструктура, се очекува инвестициите да бидат главниот двигател за растот, којшто дополнително ќе биде поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност.

Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на посилна кредитна поддршка за економската активност. Врз основа на тековните движења, до крајот на 2026 година се очекува раст на депозитите од 7,8% и раст на кредитите од 12,8%. На среден рок, за периодот 2027 − 2029 година се предвидува умерено забавување на просечниот раст, којшто ќе изнесува околу 7,7% кај депозитите и 7,5% кај кредитите, обезбедувајќи натамошна стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор.

Народната банка и натаму ќе биде посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок. За таа цел, ќе продолжи внимателно да ги следи домашните и меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.