По повод 50-годишниот јубилеј на Општина Карпош, денеска беа доделени 185 хуманитарни пакети за семејства во социјален ризик од општината. Оваа хуманитарна акција е резултат на заедничката солидарност и хуманост на децата од општинските градинки, учениците од основните училишта и вработените во општинската администрација, кои со својот придонес помогнаа да се обезбеди поддршка за семејствата на кои им е најпотребна.

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, лично ги доделуваше пакетите на две локации – во населбите Влае 1 и Карпош 2.

– „Со оваа хуманитарна акција сакаме да покажеме дека солидарноста и грижата за нашите сограѓани се меѓу најважните вредности што треба заеднички да ги негуваме. Свесни сме дека еден пакет не може да ги реши сите предизвици со кои се соочуваат овие семејства, но може барем малку да го олесни нивното секојдневие. Особено ме радува што секоја година се зголемува бројот на хуманитарни пакети, за да можеме да опфатиме што повеќе семејства“- истакна Лукровски. Хуманитарните пакети содржат прехранбени производи, трајна конзервирана храна и средства за хигиена, наменети за поддршка на семејствата.

Општина Карпош и понатаму ќе продолжи да поддржува хуманитарни иницијативи и да се грижи за граѓаните на кои им е потребна помош. 50 години Карпош – 50 години заедништво, солидарност и грижа за секого!

фото Општина Карпош