Соопштение на УЈП:
Управата за јавни приходи ги информира граѓаните дека во изминатиот период започна со проверки на податоците што ги има добиено од банките за приливите од странство на граѓаните остварени во текот на 2021 година. Во оваа насока, Управата за јавни приходи достави персонализирани известувања до физичките лица – резиденти на Република Северна Македонија за кои располагаше со податоци дека оствариле доход од странство во текот на 2021 година, со повик во одреден рок да ги исполнат законските даночни обврски.
Во текот на годината, Управата за јавни приходи во неколку наврати преку медимите и јавно информирање ги повика граѓаните да ги исполнат обврските за изминатите години, воедно беа дадени и насоки и појаснувања, а сега Управата испрати персонализирани известувања со рок за постапување.
Доколку обврските не се исполнат доброволно, Управата за јавни приходи ќе ги преземе мерките во рамките на своите законски надлежности за утврдување на данокот.
Треба да се има во предвид дека не секој доход остварен од странство подлежи на оданочување во Македонија и соодветно не секој граѓанин кој добил порака за остварен доход од странство треба да поднесе е-пдд пресметка.
Кој доход од странство треба да се пријави?
Обврската за пријавување на доходот се однесува на физичките лица кои оствариле доход од странство што подлежи на оданочување согласно ЗДЛД, вклучително и доход по основ на:
• доход од работа (плата, хонорари, интелектуални услуги, фриленс);
• доход од закуп, вклучително и доход остварен преку платформи како Airbnb и Booking.com;
• капитални добивки (продажба на имот, криптовалути, хартии од вредност и друго);
• доход од капитал (дивиденди, камати и други финансиски приходи);
• авторски права;
• добивки од игри на среќа; и
• други видови доход што подлежат на оданочување согласно законските одредби.
Кои приливи од странство не подлежат на оданочување?
Приливите од странство добиени по основ на подарок, семејна поддршка, позајмица или трансфери прекуWestern Union, Ria, MoneyGram и слични сервиси не претставуваат автоматски оданочив доход само поради тоа што се примени од странство.
Даночниот третман зависи од вистинскиот основ на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување согласно законските одредби. Затоа, кога е потребно, физичкото лице треба да располага со соодветни докази за основот на приливот.
Помош и поддршка
Управата за јавни приходи апелира до сите физички лица кои примиле прилив од странство да ја проверат својата даночна обврска и, доколку е потребно, навремено да поднесат електронска пресметка на аконтацијата на данокот (е-ППД) и да ја извршат уплатата на утврдениот данок, со цел почитување на законските прописи и избегнување на евентуални прекршочни или даночни постапки.
Детални насоки за постапката на пријавување, начинот на пополнување на пресметката, плаќањето на данокот и примената на договорите за избегнување на двојно оданочување се достапни на следните линкови:
• http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/1170
• е -даночни услуги
• Список на држави со кои е склучен договор за избегнување двојно оданочување
• Упатство за пополнување на електронската пресметка
Даночните обврзници се упатуваат да ги разгледаат и мислењата издадени од Управата за јавни приходи поврзани со примената на одредбите од Законот за данокот на личен доход, кои може да се најдат на следните линкови:
• http://www.ujp.gov.mk/mk/prasanja/category/2127 ;
• http://www.ujp.gov.mk/mk/prasanja/category/2089
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат до Управата за јавни приходи на следните контакти:
• Е-пошта: info@ujp.gov.mk
• Телефонски број од фиксна линија: 0800 33 000
• Телефонски број од мобилен телефон: 02 3253 200
Даночните обврзници можат да се обратат и во канцелариите на Управата за јавни приходи согласно местото на живеење.