Министерот Агон Ферати и амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, на пријателска средба разговараа за унапредување на билатералната соработка во областа на заштитата на правата на сите заедници во Република Северна Македонија, како и за зачувување на традициите, јазикот, културата и наследството на влашката заедница во земјата. Соговорниците ги оценија како одлични билатералните односи што се градат со години, партнерството меѓу двете пријателски земји и сојузнички во Северноатлантската алијанса, како и подготвеноста на Романија да го сподели своето искуство во процесот на приближување кон Европската Унија.
Министерот Ферати ја информираше амбасадорката Аксинте за работата на Министерството, активностите за градење доверба, промовирањето на вредностите, унапредувањето на соработката и спроведувањето различни активности, особено со младите.Тој истакна дека, иако раководењето со Министерството го презел пред само три месеци, е забележан видлив напредок во неколку области, вклучително и во соработката со медиумите, со цел намалување на тензиите и спречување на говорот на омраза.
Амбасадорката на Романија изрази задоволство од работата на Министерството, но истовремено ја истакна загриженоста поради малиот број влашки ученици кои ја следат наставата на својот мајчин јазик, меѓу другото и поради недостигот на наставен кадар. Министерот ја увери амбасадорката дека Министерството ќе ги поздрави предлозите од Амбасадата на Романија, влашката заедница и граѓанското општество, со цел да се поттикнат влашките деца да го изучуваат јазикот на своите родители, како и да се промовираат културата и традициите на оваа заедница.
фото МОЗ