Соопштение на СДСМ:

Истрагата во САД за Ричард Гренел, поради сомнежи за проневера на милиони долари од донација за Центарот „Кенеди“ и за продавање пристап до претседателот Доналд Трамп, отвора сериозни прашања за поврзаноста на Христијан Мицкоски со Гренел и за вистинските интереси зад контактите на македонската влада во Вашингтон.
На денешната прес-конференција, Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ, посочи дека случајот отвора поширока слика за мрежа на политички и бизнис-интереси во која, се испреплетуваат влијанијата на Вучиќ и Орбан, лобистички куќи и компании поврзани со нивните кругови.

„Стратешкиот мост до администрацијата на САД, примерниот канал за директна комуникација со Белата куќа, клучниот економски играч во економската агенда на македонската влада во своите приоритети кон Вашингтон, од вчера е под истрага за проневерени милиони долари од донација за Центарот ‘Кенеди’ и за продавање пристап до претседателот Трамп“, истакна Жерновски.
Тој потсети на низата средби на Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со Гренел, посочувајќи дека тие се одржувале во повеќе наврати, во Вашингтон и во Скопје, како и на Минхенската безбедносна конференција.

„Погледнете ја низата средби коишто се индикативни и коишто веќе зборуваат за тоа каква е поврзаноста на Муцунски и на Мицкоски со овој човек. Истиот Гренел, сакаме да ѝ објасниме на македонската јавност, со години работи за Вучиќ“, рече Жерновски.

Жерновски посочи на американската лобистичка куќа Валкур, за која рече дека работи на промоција на српскиот претседател Александар Вучиќ во политичките и медиумските кругови во Вашингтон, потенцирајќи дека извештаите доставени до Американското Министерство за правда покажуваат дека претставници на Валкур контактирале со Гренел во периодот од септември 2025 до март 2026 година.

Жерновски посочи дека Валкур, покрај претставувањето на Србија, се поврзува и со компании што имаат влијание во регионот, меѓу кои Телеком Србија и унгарската компанија 4iG.
„Телеком Србија е присутна на македонскиот медиумски простор преку канали поврзани со кругот на Вучиќ. А 4iG е компанијата што треба да пружи услуга на поддршка на медиумите на Орбан и на Вучиќ во Македонија. Значи, целиот круг веќе се затвора многу прецизно. Српската влада го плаќа Валкур за контакти со Гренел и за промоција на Вучиќ. Мицкоски се среќава со Гренел. Гренел се среќава со лобистите на Вучиќ. Во кругот на клиентите на истата куќа стојат и Телеком и 4iG, компании поврзани со најблискиот круг на Орбан. Сето тоа што го кажавме не се одвоени приказни. Ова е една иста организирана шема, иста приказна. Ист канал“, рече Жерновски.
Жерновски потенцираше дека ваквите поврзаности отвораат сериозни прашања за тоа чии интереси ги застапувала македонската влада во Вашингтон и дали контактите со Гренел биле во интерес на државата и граѓаните.

„Вучиќ го плаќа Валкур, Валкур контактира со Гренел, а Гренел зборува за Мицкоски. Значи, за некого провизија, а за граѓаните, се разбира, на крајот на денот, дебела сметка. Тоа значи дека Мицкоски во Вашингтон воопшто не водел самостојна политика, туку водел политика којашто е формирана, организирана и одобрена директно од Вучиќ и од Орбан. И тоа е нешто што станува кристално јасно. Она што исто така треба да се потенцира е дека периметарот за којшто зборуваше Мицкоски воопшто не бил наменет за интересите на Македонија и на нашите граѓани, туку, за наша среќа, на сите нас, од тој фамозен Вашингтонски периметар денес не остана ниту милиметар“, рече Жерновски.

СДСМ бара одговор од премиерот Мицкоски за природата на неговите контакти со Гренел и за тоа дали при тие средби ги штител интересите на државата или интересите на поединци.

„Ти, како премиер на нашата држава, кога се среќаваше со Гренел, водеше сметка за државата и за нашите граѓани или водеше сметка за трговец со оружје?“, го праша Жерновски, Мицкоски.

СДСМ бара и обвинителството веднаш да отвори истрага за контактите и договорите на Мицкоски со Гренел, оценувајќи дека институциите мора да ги испитаат сите околности и да утврдат дали постоеле злоупотреби.