На покана на министерството за надворешни работи на Државата Израел, Делегација на пратениците од Собранието беше во посета на Израел во периодот од 11 до 16 октомври 2026 година
Делегацијата ја предводи пратеничката Рашела Мизрахи, претседателка на Групата за соработка, а во нејзиниот состав се и пратениците: Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Зоранчо Јованчев, Илир Хасани, Јован Јаулески, Катерина Димитровска, Малиша Станковиќ, Мартин Стојановски, Моника Зајкова, Петар Марков, Славјанка Петровска и Тони Јаревски.
Програмата започна со средба на Делегацијата со претставници во Кнесетот. На средбата се истакна континуираната билатерална соработка помеѓу двете држави. Дополнително се разговараше за понатамошен развој на соработката во делот на трговската размена и продлабочување на соработката во стратешки сектори за двете држави, особено во областа на здравството, земјоделството, безбедноста, претприемништвото, културната размена и туризмот.
Делегацијата го посети и Врховниот суд на Израел каде поблиску се запозна со работата на Судот.
Делегацијата ја продолжи својата посета во Клиничката болница Хадаса и Хадасит – Иновацискиот центар за медицина каде се запознаа со работата на медицинскиот центар и посебниот модел кој овозможува развој и иновација во медицински помагала и техники.
Во Светскиот центар за сеќавање на холокаустот, Јад Вашем, Делегацијата учествуваше во церемонијата на полагање на венец, со што се оддаде почит на жртвите од холокаустот. Исто така, Делегацијата положи венец на гробовите на Теодор Херцл, Јицак Рабин и Шимон Перес.
Делегацијата оствари состанок со Теофилос, патријарх на грчката православна патријаршија во Ерусалим. На средбата пратеникот Петар Марков се заблагодари за приемот, додека патријархот ја истакна важноста на религијата во разрешување на етничките конфликти.
Во Тел Авив, Делегацијата го посети Центарот „Перес“ за мир и иновации каде се запозна со нивната работа во делот на технолошките иновации во различни области. Во Медицински центар „Волфсон“ Холон, Делегацијата се запозна со работата на одделот за трауматологија и нивната методологија за менаџирање на пациенти.
Како дел од посетата Делегацијата имаше можност да се запознае со работата на Израелска управа за противпожарна заштита и спасување и постројка на „Мекорот“ за третман на вода и десалинизација. Делегацијата посетата ја заврши со посета на Институтот за студии за национална безбедност.
Фото: Собрание