Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на денешната нова одлука на Регулаторната комисија за енергетика за цените на нафтените деривати и кога се очекува нов ребаланс, изјави:
„Да, видете, ние водиме паралелна евиденција, што се вели, ги следиме берзите и врз основа на тоа што ние го следиме, очекувам дека денеска ќе има повторно намалување на цената на безоловните горива и на дизелот. И ние остануваме држава со најниски цени кога станува збор за дизел-горивото и за безоловниот бензин и 95 и 98 октани. Отприлика од 25 до 50 центи по литар е поевтино кај нас горивото отколку во соседството. Нормално, тоа си има своја цена. Цената е отприлика 7 до 8 милијарди денари и затоа, за да се избалансираат сите овие работи, ние ќе правиме ребаланс. Очекувам во текот на овој месец да биде завршена процедурата. Така што, за нас прв приоритет е стандардот на граѓаните и во овие тешки услови во светот кога насекаде имаме жаришта, конфликти, војни од епски размери, се трудиме колку-толку да ја одржиме стабилноста на цените и да го одржиме она коешто претставува дух на инвестиции и да продолжиме да се развиваме во периодот којшто следи.“